6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКеш или картичка? Македонците сè почесто се одлучуваат за второто!

Кеш или картичка? Македонците сè почесто се одлучуваат за второто!

card

Плаќањето со кредитни и дебитни картички сè повеќе ги истиснува трансакциите со кеш односно готовина. Во Македонија постојано расте бројот на издадени картички, на поставени банкомати и терминали во продавниците, како и на вкупен број на електронски трансакции. Постојат 12 пати повеќе електронски (депозитни) од „реални“ (отпечатени) денари.

Во Македонија има 1.8 милиони платежни картички

Вкупниот број на платежни картички на крајот на септември бил 1.8 милиони што во однос на јануари е зголемување за речиси 100 илјади. Според податоците на Народната Банка (НБРМ) најголем дел од картичките се под брендот на Виза (1.1 милиони), потоа следи Мастеркард (околу 600 илјади), а останатите се Американ експрес и Дајнерс.

Нагорниот тренд на безготовинското плаќање се одразува и во бројот на банкомати. На крајот на септември низ цела Македонија имало вкупно 1.034. Од нив 77 се оспособени и за депонирање готовина.

И бројот на ПОС терминали односно апарати кои читаат картички на продажните места постојано расте. На крајот на септември имало 34.724, а на крајот на јануари 34.266.

Во Македонија се регистрирани и 669 виртуелни продажни места од интернет ПОС терминали.

Само во септември Македонците извршиле 3 милиони и 265 илјади трансакции со платежни картички со вкупна вредност од 56.6 милиони евра. Ова е значително зголемување во однос на јануари кога биле извршени речиси 2.7 милиони трансакции во вредност од речиси 47 милиони евра.

Во септември биле извршени и речиси 250 илјади плаќања на интернет во вредност од нешто над 6 милиони евра.

12 пати повеќе електронски (депозитни) од „реални“ (отпечатени) денари

Во паричници, во џебови, под перници, во сефови, на трансакциски сметки, на штедни книшки – кога сите денари што постојат ќе се соберат на едно место се доаѓа до сума од 324 милијарди и 122 милиони. Ако се поделат подеднакво за секој Македонец во просек би имало по 156 илјади и 484 денари. Ова го покажуваат најновите податоци  на НБРМ за вкупната парична маса заклучно со крајот на јули.

Во оваа сума влегуваат „реалните“ (отпечатени) денари, но и депозитните (електронски) кои постојат само на сметките во банките. Има речиси 12 пати повеќе денари на банкарските сметки отколку што постојат готови пари во оптек.

Кај банките вкупниот збир на депозитни пари достигнува 296 милијарди и 857 милиони, а во оптек има уште 27 милијарди и 266 милиони денари. Кога тие ќе се соберат се доаѓа до вкупната сума од 324 милијарди и 122 милиони денари.

И деловните банки „креираат“ пари

Со секој одобрен заем се „креираат“ нови пари. Депозитите не стојат во трезорите на банките туку се распределуваат како кредити, а само минимален дел се задржува како „задолжителна резерва“ која мора да се чува.

Оваа стапка ја одредува централната банка на секоја земја, кај нас тоа е НБРМ, претставува еден од инструментите на монетарната политика со кој се влијае на кредитирањето. Како дополнување, банките можат да држат резерви и над пропишаниот минимум, наречени доброволни резерви, со кои можат да бидат посигурни дека нема да се соочат со недостиг од готовински средства.

Но, како се креираат парите? На пример, при стапка на задолжителна резерва од 10%, кога ќе се депонираат 100 денари, банката чува само 10, останатите 90 ги нуди како кредит. Така од 100 се добиваат 190 денари. Но, и овие 90 денари можат да завршат како депозит, банката ќе чува само 9, а останатите 81 ќе ги позајми. На овој начин од првичните 100 реални, отпечатени, денари се прават 100 + 90 + 81 или 271 денар. Процесот нема ограничување, освен задржувањето за резерва.

Но, кога банката креира пари, истовремено создава и обврска за оние кои позајмуваат. На крајот на овој процес на креирање пари економијата е поликвидна во смисла дека има повеќе средства за размена, но не е побогата од претходно.

Затоа во Македонија, но и во сите држави, има неколкукратно повеќе електронски, депозитни од реални, отпечатени пари. Во земјава, според последните податоци на НБРМ, разликата е речиси 12 пати.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП