3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБуџет 2017 – да се брза или не?

Буџет 2017 – да се брза или не?

budg

Предлог – буџетот за наредната година веќе стигна во Собранието кое треба да го донесе пред распуштањето на 12-ти октомври поради закажаните избори. Дел од експертите сметаат дека не треба да се брза, да се остави новата Влада да ја изготви државната каса за следната година откако ќе биде избрана, а во меѓувреме да се оди со времено финансирање.

Основни параметри – раст од 3%, дефицит од 3%

Проекција за раст од 3%, планирано задолжување од 3% и инфлација од 1%. Ова се основните параметри на предлог буџетот за 2017-та кој треба да биде најголем досега. Државата планира да собере 3 милијарди евра, а да потроши 3.3 милијарди.

„Вака планираните приходи и расходи обезбедуваат етапна консолидација на јавните финансии, односно намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 3% од БДП или 18,6 милијарди денари“ изјави министерот за финансии Кирил Миновски при презентацијата на предлог – буџетот.

Ставките кои се содржани во предлог – буџетот се темелат на проекција за раст на економијата од 3%.

Се предвидува зголемување на вработеноста од  1.8%, на просечната нето плата од 1.8%, на приватната потрошувачка од 2.1%, на јавната за 1.3%, на бруто – инвестициите за 4.5%.

Гледано по сектори најголем раст се очекува кај градежништвото, од 5.2%; потоа кај услугите од 2.8%, земјоделството од  2.3%, индустријата од 2%.

„Во 2017 година градежната дејност се очекува да оствари стапка на раст од 5.2% на реална основа, главно како резултат на реализацијата на планираните јавно – финансирани инфраструктурни проекти и предвидените инвестиции во слободните економски зони… Индустриската активност се предвидува да забележи раст од околу 2%, по неповолните движења во претходната година, како последица на неизвесното домашно окружување“, се наведува во предлог – буџетот.

Зголемени приходи за 7.6%

Приходната страна на предлог – буџетот е потешка за 216.6 милиони евра или за 7.6%. Државата планира да собере повеќе пари во сите ставки: даночни, неданочани, капитални, донации, придонеси.

„Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2017 година се планираат на ниво од 187,6 милијарди денари, што е за 7,6 проценти повеќе во однос на 2016 година. Вкупните даночни приходи се очекува да забележат пораст од 9,5 проценти во однос на 2016 година“ изјави министерот за финансии Кирил Миновски при презентацијата на предлог – буџетот.

Зголемени расходи од 4.5%

Вкупните буџетски расходи се проектирани на 3.3 милиони евра. Државата во 2017-та планира да потроши 174.7 милиони евра или 4.5% повеќе пари во однос на 2016-та.

Сите ставки се зголемени. За плати и надоместоци се планирани 435.3 милиони евра (зголемување од 4.2 милиони), за стоки и услуги 318.8 милиони (зголемување за 0.5 милиони), за субвенции 214.1 (зголемување за 16.7 милиони), за капитални инвестиции 438.2 (зголемување од 72 милиони). Речиси половина буџет или 1.5 милијарди евра треба да одат за социјални трансфери во кои влегуваат и дотациите кон Фондот за пензиско, овде има зголемување од 53 милиони евра.

Само за камати ќе се потрошат 133.5 милиони евра.

Планирана уште една еврообврзница

Буџетскиот дефицит во 2017-та треба да биде 302.5 милиони евра или 3% од Бруто – домашниот производ; во споредба со 2016-та е помал за 42 милиони евра.

„Финансиските средства за проектираниот дефицит за 2017 и отплатата на долговите ќе се обезбедат преку задолжување во странство со издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал, со задолжување на домашен пазар на државни хартии од вредност и со повлекување на средства од поволни кредити од меѓународни финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти” – се наведува во предлог буџетот.

Капитални инвестиции од 438 милиони евра

Предлог – буџетот предвидува капитални инвестиции во вкупен износ од 438 милиони евра. Со тоа во 2017-та тие треба да бидат поголеми за 20% во однос на 2016-та.

Планирани се вложувања во патишта, железници, гасификација, здравтвени, образовни и спортски објекти, но и во нови административни згради.

„Во овие рамки предвидена е реализација на проектот за изградба на автопатот на Коридор 10, на делницата Демир Капија – Смоквица, со кој се предвидува во 2017 година да се заврши изградбата на нова модерна автопатска делница со што ќе се комплетира главната делница на Коридор 10. За модернизирање на постојната железничката инфраструктура ќе продолжи реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10. Во текот на 2017 година предвидени се средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга Коридор 8 односно делницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, финансирана од ЕБОР“ објасни министерот за финансии.

НБРМ: допрва ќе правиме проекции за вгодина

Гувернерот на Народната банка (НБРМ) потенцира дека институцијата која тој ја предводи е подготвена да ги прилагоди своите политики на какви било буџетски проекции со цел да се задржи макроекономската стабилност.

„НБРМ дава најдобар придонес за остварување на економскиот раст со задржување на ценовната стабилност и стабилноста на банкарскиот систем3 изјави гувернерот Димитар Богов.

Инаку Народната Банка започнува со нови анализи кои ќе бидат искористени за ревидирање на проекциите за раст на економијата за наредната година. Треба да бидат готови на почетокот на ноември.

Експерти: нема потреба од нова еврообврзница

Проекциите за економски раст се разумни, но плановите за нова еврообврзница проблематични. Дел од економските аналитичари коментираат дека воопшто нема потреба од ново задолжување надвор бидејќи се уште не се потрошени парите од јулската обврзница тешка 450 милиони евра.

„Најавата за нови задолжувања со еврообврзница е спротивна на она што во јули годинава беше најавено дека издадената еврообврзница ќе биде користена во тековната и за следната година, и затоа сметам дека најпрво треба да се искористат средствата кои што се во моментов на располагање од еврообврзницата од 2016 година, а дури потоа да се посегне кон нови задолжувања, вели Благица Петрески од „Finance Think“.

На иста линија е и ставот на универзитетскиот професор Марјан Петрески. Тој смета дека издавањето на нова еврообврзница е најпроблематичниот дел од предлог – буџетот.

„Кога се издаваше еврообврзницата во јули оваа година, пред два месеци, беше нагласено дека еден дел од таа еврообврзница ќе се искористи за буџетските потреби за 2017-та. Моето лично очекување беше дека барем дел од буџетскиот дефицит проектиран на 300 милиони евра ќе биде покриен со тие пари кои што лежат на депозитната сметка на Владата во НБРМ. Меѓутоа, ако се погледне предлог – буџетот ќе се види дека од депозитната сметка ќе се искористи некој симболичен износ од 27 милиони евра што е спротивно на она што беше најавено“ изјави универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Експерти: времено финансирање е подобра опција

Дел од аналитичарите сметаат и дека воопшто не треба да се брза со носењето на буџет, дека треба да се почекаат резултатите од изборите, а плановите за следната година да и се остават на новата Влада која приходите и расходите би ги прилагодила на својата програма. Поради кратките рокови од 11-ти декември, односно од денот на изборите до 1-ви јануари кога почнува да важи новиот буџет најдобра опција било да се пристапи кон времено финансирање.

„Поради вкупната политичка констелација јас сметам дека е коректно да се премине на таа опција на времено финансирање бидејќи мислам дека ќе трае релативно кратко и ќе може по изборите партијата што ќе ја формира Владата да донесе буџет кој што ќе ја рефлектира нејзината програма“ смета универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Со ова се согласува и професорот Зоран Ивановски. Нема потреба од брзање, смета тој.

„Добро е да се почека и ако треба на кратко да се примени времено финансирање кое нема да предизвика тешки последици за економијата, напротив, сите буџетски корисници навреме ќе ги добијат своите потреби. Можеби ќе остане надвор од финансирањето нешто што е надвор од она што е загарантирано со временото финансирање, меѓутоа станува збор за почеток на годината и сето тоа може да се корегира во наредниот период со еден квалитетен и развоен буџет“, смета професорот Ивановски.

Од политичка гледна точка проблематично е Буџет да носи Собрание во заминување, вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

„Дополнително несериозно е да се носи Буџет за наредната година во септември само неколку дена по ребаланс на Буџетот за тековната година. Конечно нема никаква законска пречка за времено финансирање на Буџетот на почетокот на 2017 година. Сепак познавајќи ја оваа власт би кажал дека се е можно. Сетете се само на 24 –ти декември 2012 година, кога опозицијата и новинарите беа насилно исфрлени од Собранието само за да се донесе Буџетот. Ни тогаш немаше никаква пречка за времено финансирање, но сепак власта го донесе Буџетот за да демонстрира сила. Затоа не би ме зачудило да го сторат истото и сега“, смета Јовановиќ.

Министерот за финансии пак вели дека нивна обврска е да го изготват предлогот, а пратениците одлучуваат дали тој ќе биде усвоен.

„Нашата обврска е да го изготвиме предлог буџетот и да го доставиме до Собранието. Понатаму парламентарците ќе одлучат дали ќе биде усвоен буџетот во предвидениот временски рок до распуштање на Собранието или ако не се усвои буџетот, ќе се оди на времено финансирање“, вели Кирил Миновски.

Предлог – буџетот е веќе доставен до пратениците. Треба да биде донесен до 12-ти октомври пред да се распушти Собранието.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП