20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСамит на Неврзаните: Венецуела и Куба ја критикуваат економската војна на САД...

Самит на Неврзаните: Венецуела и Куба ја критикуваат економската војна на САД против Латинска Америка

samit-nevrzani

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро ги предупреди во неделата светските челници на самитот на Неврзаните земји дека неговата држава е погодена од американската економска војна чијашто цел е да биде соборен, во што доби поддршка и од други лидери на земји во Латинска Америка, пренесува AFP.

Зборувајќи на споменатиот собир, најголемиот регионален сојузник на венецуелскиот претседател Никола Мадуро, челникот на Куба Раул Кастро, го повтори истото обвинети, и покрај тоа што неговата земја по повеќе од половина век значително ги затопли односите со САД.

„Венецуела е соочена со напад насочен против целата Латинска Америка и Карибите, со кој се прави обид повторно да се колонизираат нашата политика, економија, култура и живот“, изјави социјалистот Мадуро, чијашто партија го врати стопанството на Венецуела под контрола на државата, а од Иран го презема ротирачкото претседателство со Движењето на неврзаните земји.

Челниците на оваа организација во која членуваат 118 држави, вклучително и иранскиот претседател Хасан Роухани, се собраа на дводневниот самит на венецуелскиот остров Маргарита. Движењето е основано во 1961 година за да ги претставува државите кои не сакаа да бидат дел од борбата за сферите на влијание меѓу САД и тогашниот Советски сојуз, а една од иницијаторите беше поранешната СФР Југославија.

Венецуела, којашто е членка и на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и држава со најголеми резерви на нафта во светот, бара поддршка за својата кампања со којашто се обидува да го намали прекумерното производство на нафта за цената на „црното злато“ да добие поткрепа на пазарите.

Еквадорскиот претседател Рафаел Кореа, чија држава е најмалата членка на OPEC и која ја поддржува Венецуела, изјави дека споменатиот нафтен картел е пред распад поради разликите во пазарните стратегии. „Очигледно дека OPEC ослабе, и постои опасност од негова дезинтеграција“, порача Кореа во разговор со новинарите на маргините од самитот на Неврзаните.

Кастро, Мадуро, Кореа и боливискиот претседател Ево Морале, исто така, го осудија неодамнешното отповикување на бразилската претседателка Дилма Русеф. Бразилскиот Сенат ја обвини левичарката Русеф поради неправилности во буџетот што таа категорички го негира, и на крајот од август ја замени со Мишел Тамер, нејзин поранешен потпретседател кој доаѓа од партија на десниот центар.

Иако тревогите на Мадуро за тоа дека претстои меѓународна кампања за негово соборување не се нови, се чини оти е решителен во настојувањата за повторникот јакнење на влијанието на Движењето на неврзаните земји, коешто се доживува како реликт од идеолошката блоковска Студена војна со сé помала поддршка, како брана против повторната колонизација, сметаат политичките аналитичари.

Падот на цените на нафтата на светските пазари, што е во најголема мера резултат на несразмерниот обем на производството во однос на побарувачката, предизвика намалување на приходите на Венецуела и економска риза, со недостиг од храна, пораст на криминалот и социјални немири.

Станува збор за најголемата закана досега за Мадуро и социјалистичката „револуција“ која во 1999 година ја започна неговиот харизматичен претходник Уго Чавез, Венецуела се соочува со трета година длабока рецесија и инфлација од 700 отсто, според податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Венецуелската опозиција бара референдум за да го собори Мадуро, а тој е упорен во тврдењата дека зад тој план стојат САД кои и нескриено соработуваат со локалните опозициски сили.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП