15 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАШербеџија: Одамна сакав да го снимам филмот „Ослободувањето на Скопје“

Шербеџија: Одамна сакав да го снимам филмот „Ослободувањето на Скопје“

rade-m

Одамна сакав да го снимам филмот „Ослободувањето на Скопје“, изјави во недела на прес конференција режисерот Раде Шербеџија, а по повод македонската премиера на филмот со кој беше отворено 37. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

Филмот е македонско-хрватско-финска копродукција, а финансиски е поддржан од Европскиот филмски фонд за копродукции „Еуроимаж“.

„Неколку пати бевме одбиени од фондовите, тоа едноставно се случува, но конечно добивме „ветер во грб“ од Европскиот филмски фонд за копродукции „Еуроимаж“, при што го добивме најголемиот просек за сценариото и максималниот износ“, вели Шербеџија.

Тој рече дека него пред сѐ го интересирала приказната за детето, неговата судбина и поврзаноста на сето тоа во актуелниот контекст кога сите сведочиме на илјадници детски судбини, кои во денешно време време се соочени со војни и уништувања.

„Не е доволна причина некој да изрежира филм само затоа што сака да го оствари својот сон, основното прашање за филмскиот режисер е зошто го правиш тоа и каква порака сакаш да пренесеш. Иако, немам план да продолжам да режирам“, вели Шербеџија.

Околу предизвикот на овој филм да соработува со татко му и сестра му, Данило Шербеџија рече дека и нивниот однос за сето време бил многу професионален без оглед на семејните врски.

„Односот беше многу професионален, без оглед на семејсните врски татко-син, брат-сестра. Раде повеќе се концентрираше на работата со актерите, а јас со камерата. Повторно би работел со нив во иднина“, рече Данило Шербеџија.

За потребите на филмот, актерите морале да научат германски јазик, посебно оние што немале никакво предзнаење, како Мико Ноусиаинен и Луција Шербеџија. Иако почнале бувкално „од нула“ тимот се согласи дека на крај сѐ испадна беспрекорно, а Шербеџија истакна дека актерот може да направи буквално сѐ.

„Од моето искуство како актер, актерот може да направи буквално сѐ! “, рече Шербеџија.

Што се однесува, пак, на улогата на малиот Зоран, кој ја играше 11-годишниот Давид Тодосовски, после деталниот кастинг Данило и Раде Шербеџија едногласно се согласиле дека тој е вистинскиот избор за филмот. Луција Шербеџија и Силвија Стојановска исто така истакнаа дека се сосем задоволни од актерскиот дел, посебно што Раде Шербеџија одвоил време да му обрне внимание на секој актер посебно.

Публиката беше исто така задоволна од музичкито дел на филмот, па иако композиторите Томас Катерине и Влатко Стефановски од објективни причини не беа во можност да присуствуваат на прес конференцијата, околу нивната соработка Шербеџија објасни дека оваа соработка на двајцата композитори најпрво се случила принудно, бидејќи филмот е македонско – финска копродукција, па сепак, откако двајцата композитори взаемно се запознаеле со своите дела, пронашле многу компатибилен музички сензибилитет и оствариле одлична соработка.
Продуцентот Горјан Тозија при крајот на конференцијата рече дека е задоволен што конечно му се укажала можност да работи на филм во земјата каде што е роден.

„Јас сум многу задоволен бидејќи после долги години, ми беше дозволено да работам на филм во земјата каде што сум роден. Јас прво конкурирав со моето име и презиме на Фондот, со исто сценарио, ист буџет и истите параметри, но фондот ме одби. Да не се лажеме, овој филм ги има истите параметри како што филмовите вообичаено ги имаат. Да не беше Раде толку близок со министерката за култура и со бившиот премиер, филмот немаше да се случи и тоа е вистината. Филмските работници, филмот и сите уметници и припаѓаат на слободата, демократијата и вистината и затоа сакам да ги кажувам вистините без оглед на тоа колку не му се допаѓаат некому“, рече Тозија.

Раде Шербеџија, пак, реплицираше дека без оглед на политичките предзнаци уметниците мора да работат и во прилог на општеството е да се најде начин различностите да се надминуваат.

„Јас сум им навистина благодарен на луѓето кои што се задолжени да уптравуваат со средствата за филмот и да дадат поддршка, како и Министерството за култура и Владата на Македонија . Секогаш ќе постојат односите помеѓу уметникот и мецената кој ја потпомага неговата уметност, а вистинскиот мецена мора да го препозне вистинскиот уметник. Но и во суштината на секој уметник исто така е правејќи ја својата уметност да биде на некој начин дисидент. Без оглед на политичките предзнаци, ние мораме да работиме. Она што сакам да го кажам е дека е голема работа луѓето кои се политичари да сфатат дека од повисок општествен интерес, каков што е културата, е да се надминат различностите“, заклучи Шербеџија.

Младиот Зоран Тодосовски раскажуваше како бил избран од 1500 деца за главната улога и дека повтоно би сакал да игра на филм.

Во компетенција за наградата „Златна камера 300“ вечерва ќе се прикаже романскиот филм „Дипломирање“, по режија и сценарио на Кристијан Мунгиу, а кинематографер кој соработува со ова големо име во романската филмска индустрија е младиот Тудор Владимир Пандуру.

Токму Пандуру беше гостин на денешната прес конференција на која се најави претстојната проекција на филмот „Дипломирање“, а директорот на фестивалот Благоја Куновски заедно со младиот кинематографер зборуваше за романската кинематографија, како и за синоќешното отворање на фестивалот „Браќа Манаки. “

„Драго ми е дека успеавме да направиме една богата и добра програма и во тоа ќе се уверувате од ден во ден. Ценам сечие мислење, но според мене мислам дека имавме извонреден почеток, достоен на реномето на фестивалот. Уште еднаш ќе потенцирам дека сѐ додека сум во позиција да решавам, наши ѕвезди на фестивалот, кога веќе се користи тој „star system“, за мене се кинематограферите. Почит за сите други, но Холивуд некако го наметна тоа дека ѕвезди се убавите жени. Овој фестивал е горд дека е првиот и најстариот на свет посветен на креативноста на најважниот уметник во создавањето на едно филмско дело. Роби Милер и Џон Сил се ѕвезди на нашиот фестивал и сите други кинематографери , претставници и на помладата генерација“, рече Благоја Куновски.

Пандуру истакна дека му е голема чест што соработувал со такво големо име од романската кинематографија како Кристијан Мунгиу, а и дека отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“ му оставило голем впечаток.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП