3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАThe Membranes на 7 септември во МКЦ

The Membranes на 7 септември во МКЦ

зеро

Култниот англиски пост панк-ноиз бенд „The Membranes“ во рамки на ексклузивната балканска турнеја на 7 септември ќе бидат специјални гости во МКЦ, во рамките на настанот по повод отворање на муралот на групата ЗЕРО.

The Membranes се оформени кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век во Блекпул, а со својата музика и неверојатно енергичните настапи во живо го отворија патот за бендови како Big Black, Sonic Youth…

The Membranes“ се првиот бенд што потпишал договор со славната издавачка куќа Creation records (My Bloody Valentine, Jesus and Mary Chain)
Легендарниот радиоводител John Peel редовно пуштал песни од The Membranes во своите емисии, а во 1984 нивна песна се наоѓа на 6-то место на неговата топ 50 листа.

По шест студиски албуми и повеќе стотици концерти бендот решава да земе пауза, која трае/ше „само“ 19 години. Нивната манијакална енергија на бината и нивната музичка имагинација влијае на целата андерграунд сцена во осумдесеттите, за што лидерот на бендот и пејач, а подоцна и новинар, John Robb пишува во своите книги (на пр. Death To Trad Rock).

Во 2009 година The Membranes повторно се активираат по долгата пауза да настапат на фестивалот “All Tomorrows Parties” на повик на My Bloody Valentine и Shellac.

Минатата есен бендот го објави и новиот албум (по 26 години пауза), а албумот “Dark Matter/Dark Energy” наиде на пофалби и од страна на критиката, и од страна на фановите.

Веќе цела година бендот е на константна турнеја и настапуваат на големи фестивали (Glastonbury), како и мали клубски свирки, и како гости на турнеи со нивни стари пријатели (Stranglers, Therapy?).

The Membranes секогаш имале огромна поддршка од колегите музичари, а нивни големи фанови се Mark Lanegan, Kevin Shields, Mogwai, Mercury Rev, Godflesh, The Pop Group, Steve Albini…

Инаку, лидерот на бендот John Robb e поранешен член на Goldblade, бенд што има настапено во Скопје во 1995 година во рамки на легендарниот Т Фестивал.
John Robb денес е еден од највлијателните музички критичари и уредник на веб-сајтот www.louderthanwar.com,

Како локална поддршка на концертот на The Membranes ќе настапи најпознатиот скопски акустичен арт-терорист на денешницата, апокалиптичниот експериментатор, Волтер Мани Ал Хаким. Како и секој терорист, тој се појавува одненадеж и исчезнува како некаква чудесна мелодиска поплава, дисонантно одѕвонувајќи по калдрмите на умот. Познат е по неговата хипнотичка избувливост и страст. За оваа прилика тој ќе настапи само на еден електричен инструмент и на радиоприемник, со композиции што изобилуваат со меланхолична апокрифна дистанца, варирајќи од инди-рок, па сè до некаков дистанциран и етерично ангажиран глобален политички контекст. Го нарекуваат кантавтор на буката и теророт, човекот што ниту сонува ниту е буден, тој едноставно го отсликува модерното секојдневие.

Специјални гости на настанот се СИЗ, бенд што ќе ги придружува The Membranes на целата балканска турнеја со настапи во Софија, Белград, Нови Сад, Загреб и Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП