Националната библиотека на Израел најавува дека наскоро ќе ја направи достапна за пошироката јавноста архивата на германскиот писател Франц Кафка, по осумгодишниот спор за сопственоста врз ракописите кој во понеделникот го заврши израелскиот Виш суд на правдата, соопшти претседателот на советот на директори на библиотеката Давид Блумберг.
„Судот побара од Националната библиотека да стори сé што е потребно за да се обезбеди широк пристап до архивата, и библиотеката ќе ја исполни оваа оцена“, изјави Блумберг претходно седмицава.
Правната битка за сопственоста над ракописите на славниот писател траеја долги години. Франц Кафка (3 јули 1883, Прага – 3 јуни 1924, Виена) ги оставил своите дела на својот близок пријател Макс Брод, за тој да ги уништи по неговата смрт. Неговата љубовница Дора Диамант, за разлика од Брод, ги уништила дел од ракописите кои ѝ ги оставил Кафка.
Дора Диамант делумно ги извршила неговите претсмртни барања. Голем дел од неговите последни ракописи, вклучувајќи 20 тетратки и 35 писма таа тајно ги задржува сé додека не се конфискувани од Гестапо во 1933. Сé уште се во тек неколку меѓународни барања кои се спроведени за да се пронајдат овие изгубени текстови на Кафка.
Брод, пак, ги прекршува упатствата на Кафка и ги прегледува публикациите на поголемиот дел од текстовите што ги поседувал, и наскоро овие текстови започнуваат да привлекуваат внимание и високи критички оцени. Брод навремено вреднувајќи го литературниот придонес на својот пријател, не ја исполнил волјата на писателот и го понел другиот дел од ракописите со себе во Палестина, каде што пребегал од Прага во време на нацистичките прогони од 1939 година.
Токму Брод го иницирал постхумното објавување на многу дела на Кафка, иако писателот во својот тестамент завештал „да се уништат ракописите, да не се читаат“. Меѓу овие дела посмртната слава на Кафка му ја донесоа делата како „Замок“ и „Процес“.
Брод починува во Израел во 1968 година, и сите свои документи, вклучително и ракописите на Кафка го остава на својата секретарка Естер Хофа. Таа требала „да ги објави неговите работи и да проследи дека по нејзината смрт литературната оставина на Кафка ќе биде предадена на чување во соодветна институција“, се вели во судските записи.
Во понеделникот израелскиот суд по трет и последен пат ги отфрли барањата на ќерката и внуката на Хофа, кои тврдеа дека целата архива е нивна сопственост, како што им ја завештала секретарката на Брод. Според нивните тврдења ракописите Брод ѝ ги подарил на Хофа, па оттаму им припаѓаат ним. Сепак, и во претходните фази од постапката судот сметаше дека ракописите не можат да се сметаат за подарок, бидејќи не бил направен акт за дарување. Покрај тоа, како што истакнуваше Националната библиотека, Брод ѝ оставил на својата секретарка упатство да ги подари на некој архив или библиотека, веднаш по нејзината смрт.
Меѓутоа, Хофа не само што не ги предала ракописите како подарок, туку и продала дел од архивата, којашто ја чувала во два банкарски трезора во Цирих и во Тел Авив. Уште во 1973 година, кога било објавено дека Хофа има намера да ги даден на аукција ракописите на Кафка, јавниот обвинител на Израел ја предупредил дека „по волјата на Брод, таа не смее да продаден ниеден од документите“.
По смртта на Хофа во 2007 година, нејзините наследнички одлучуваат да продадат уште еден дел од ракописите, но таа намера е спречена преку судски пат од страна на Националната библиотека на Израел. Меѓу ракописите, кои се состојат од десетици илјади страници, се личниот дневник на Брод, забелешки на Кафка, преписката меѓу писателот и неговиот пријател како и со други книжевници, меѓу нив и со Стефан Цвајг и Шин Шалом.
Во октомври 2009 година израелската Национална библиотека побара од Музејот на модерна литература во Марбах, Германија, да го предаде оригиналниот ракопис од расказот „Судење“, со цел да се исправат некои „историски неправди“. Имено, ракописот бил продаден на наддавање на аукциската куќа Sotheby’s во 1988 година за речиси 2 милиони долари на Владата на Германија. Националната библиотека во Ерусалим бара „Судење“ да биде вратен во Израел, како што барал Макс Брод, пријател на Кафка и публикувач на неговите дела.
„Националната библиотека на Израел, која е библиотека на сиот еврејски народ, се води според волјата на Макс Брод кој во својот тестамент бара сите документи да бидат сместени во јавна архива и ја наведува токму израелската библиотека како прва опција“, изјави тогаш Мер Хелер, адвокат на библиотеката.