2 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБрегзит и Македонија – НБРМ изработи анализа за можните последици

Брегзит и Македонија – НБРМ изработи анализа за можните последици

mk uk 01

Минимални директни последици – вака Народната Банка (НБРМ) го оценува влијанието на излегувањето на Велика Британија од Европската Унија врз домашната економија.

Според анализата што ја изработила НБРМ ефектите од Брегзит врз Македонија можат да се пренесат преку повеќе канали поделени во две категории – политички и економски, но секој од нив може да има минимално влијание.

Политичкото влијание од референдумот на Британците е зголемување на евроскептицизмот во другите земји – членки, ребалансирањето на гласачката моќ во рамки на ЕУ институциите и проблемите со третманот на странците имигрантите во Обединетото Кралство.

Економското влијание според НБРМ ќе биде пренесено преку трговската размена, странските директни инвестиции, финансискиот пазар и општото зголемување на неизвесноста.

mk uk 00

„Потенцијалните директни ефекти, со оглед на малата поврзаност на домашната економија со британската се оценуваат како мали“ е генералниот заклучок во анализата „Ефекти од излезот на Велика Британија од Европската Унија – Брегзит“.

Според НБРМ за мала и отворена економија како македонската најзначаен канал на влијание може да биде трговскиот односно размената на стоки со британските компании. Сепак, учеството на Велика Британија во вкупната надворешнотрговска размена е релативно ниско и за периодот 2010 – 2015 година во просек изнесува 6.5% од БДП, а речиси во целост произлегува од увозната компонента, во услови на незначителен извоз на стоки.

Вториот канал се директните инвестиции, но и овде според НБРМ влијанието може да биде мало – инвестициите од Британија во Македонија во 2014-та биле 1.7% од БДП односно многу мал вкупниот биланс на странски инвестиции кој истата година изнесувал 47.2% од БДП.

Последиците и во однос на девизниот курс според македонската монетарна власт се мали – најголем дел од надворешниот долг или 81.8% е врзан со еврото, а учеството на британската фунта е минимално; незначително е и учеството на британската фунта во валутната структура на депозитите и кредитите во билансите на домашниот банкарски систем.

„Ризикот од пренесување на влошената економска состојба од Британија преку финансиските канали, најмногу преку банкарскиот сектор, исто така се оценува како незначителен, поради слабата финансиска поврзаност на двете економии“ се наведува во анализата „Ефекти од излезот на Велика Британија од Европската Унија – Брегзит“.

mk uk 02

На иста линија со анализите на Народната Банка се и ставовите на економските експерти – според нив излегувањето на Велика Британија од Европската Унија нема да има директни последици за македонската економија, но индиректно ќе влијае преку потресите на светските берзи и пазари – главен проблем во иднина ќе биде воздржаноста од нови инвестиции, но и потешкото задолжување во странство.

„Македонија ја дели судбината на ЕУ и кога сериозен удар и е зададен на Унијата, тогаш тоа ќе ја погоди и нашата економија. Ако овој процес од Британија се преслика и на други делови од Европа, каде што веќе имаше најави, тоа е сериозен знак за стабилноста на Унијата. Сепак, сега од овој аспект може само да се потврди дека ќе следуваат потреси на финансиските пазари, на трговските врски, а неизвесноста ќе ги тишти и европската и нашата економија“ изјави неодамна универзитетскиот професор Томе Неновски.

Евентуалното влијание би можело да биде само индиректно, доколку излегувањето на Велика Британија сериозно ја потресе самата Европска Унија, па притоа настрада нејзината економија и следствено нашата смета и универзитетскиот професор Марјан Петрески.

„Сепак мислам дека голем негативен ефект врз ЕУ од излегувањето на Обединетото Кралство е само теоретска можност, односно повеќе се користеше како аргумент во медиумската дебата за формирање јавно мислење против тоа излегување, а дека помалку е веројатно да се случи во реалноста“, објасни неодамна Петрески.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП