Цените на нафтата на меѓународните пазари во четвртокот го минаа нивото од 48 долари, беа поткрепени од слабеењето на американскиот долар откако британската централна банка неочекувано ги задржа клучните каматни стапки на важечкото ниво и покрај референдумската одлука за излегување на Велика Британија од Европската унија.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) соопшти дека референтната цена на кошницата нејзина нафта во средата изнесувала 43,19 долари, што значи дека останала речиси непроменета во однос на претходниот трговски ден.
На лондонскиот пазар цената на барелот нафта во четвртокот порасна за 1,05 долари во однос на претходното затворање и изнесуваше 47,31 долари. Средата ја заврши со минус од 2,21 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 90 центи повисока цената од 45, 65 долари, а средата ја затори со минус од 2,05 долари.
Во средата пазарите податокот за падот на резервите на сирова нафта во САД за 2,5 милиони барели изминатата седмица го оценија како разочарувачки, и во прв план изби стравувањето од прекумерното снабдување. Резервите на деривати пораснале најмногу од јануари, при што особено изненади растот на резервите од бензини среде сезоната на патувања.
Во четвртокот фокусот на пазарите беше на слабеењето на доларот откако британската централна банка неочекувано ги задржа клучните каматни стапки на 0,5 отсто, и покрај Brexit-от. Послабиот американски долари ја јакне куповната моќ на оние кои поседуваат други валути, а со тоа и побарувачката на нафта.
Со тоа прекумерното снабдување беше потиснато во втор план, иако Тамап Варга, од лондонската брокерска компанија „PVM Oil Associates„, предупредува дека нагорниот тренд би можел да биде краткотраен.
„Пазарот на нафтата е прекумерно снабдено, производството на ниво на OPEC расте, а и неделните американски податоци за резервите неповолно влијаат на цените на нафтата“, толкува Варга.
Автар Санду од „Phillip Futures“, исто так,а истакнува дека прекумерното снабдување не е „симнато од дневниот ред“.
„Знаеме дека во тек е процесот на урамнотежување, но на пазарот се уше има премногу нафта и тој процес ќе потрае“, истакнува Санду.