15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзбришани над 2.000 милијарди долари вредности на акции

Избришани над 2.000 милијарди долари вредности на акции

akcii-propaganje

Повеќе од 2.000 милијарди долари вредности на акции во петок се избришани бидејќи одлуката на Велика Британија за излез од Европската унија(ЕУ) предизвика пад на индексите на европските берзи меѓу пет и 10 отсто, а остро падна и Wall Street.

На берзата во Њујорк на самиот почеток на денешното тргување Dow Jones и S&P 500 индексот падна повеќе од два отсто, а индексот Nasdaq повеќе од 3,5 отсто, со што продолжи негативниот тренд што на светските берзи владее од рано наутро, кога резултатите од вчерашниот референдум покажаа дека мнозинството Британци гласаа за излез од ЕУ.

Заради тоа најпрво остро падна цените на акциите на азиските берзи, при што јапонски Nikkei потона речиси осум отсто, најмногу од март 2011 година и тогашниот катастрофален земјотрес и цунамито во Јапонија. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции загуби речиси пет отсто.

Падот на цените на акциите продолжи на европските берзи. Околу 16 часот лондонски FTSE, франкфуртски DAX и париски CAC беа во минус меѓу 3,7 и 8 отсто. Во Италија и Шпанија берзанските индекси падна за повеќе од 10 отсто.

Одлуката на Британците за напуштање на ЕУ предизвика шок на берзите бидејќи последните денови цените на акциите растеа токму благодарејќи на убедувањето дека Британија ќе остане во ЕУ.

Сега инвеститорите се плашат дека излегувањето на Британија ќе предизвика долготрајни пореметувања на финансиските пазари и ќе му наштети и на онака кревкиот раст на глобалната економија.

„Најголемиот макро ризик за Европа оваа година се оствари. Одлуката на Британците влијае врз смалувањето на шансите за раст на економијата во Британија и Европа заради зголемената политичка несигурност и ризикот од влошување на финансиските услови“, порачуваат аналитичарите на Goldman Sachs во белешката до клиентите.

Само на европските берзи денес се загубени околу 1.000 милијарди долари пазарна вредност на акциите, а под најголем притисок е европскиот банкарски сектор. Во тој сектор цените на акциите во просек паднале 15 отсто, па овој сектор денеска би можел да забележи најголем дневен пад во историјата.

При тоа, цените на акциите на британските банки Lloyds, Royal Bank of Scotland и Barclays потонаа меѓу 19 и 21 отсто.

Во секторот на осигурување цените на акциите, пак, паднаа за 10,3, а во автомобилскиот сектор за 8,7 отсто.

„Одлуката на Британците за напуштање на Унијата веројатно ќе резултира со рецесија во Британија“, рече Ричард Бакстон, директор во компанијата Old Mutual Global Investors.

Под притисок се и цените на нафтата и другите суровини, бидејќи излезот на Британија од ЕУ би можел да му наштети на растот на глобалната економија.

На американскиот пазар цената на барелот утрово потона за три долари, на 41,10 долари, додека на лондонската берза барелот поевтини шест отсто, на 48,10 долари.

Од друга страна, за околу пет отсто порасна цената на златото, што се смета за сигурно засолниште за капиталот во несигурни времиња, а од истата причина зајакна и некои валути, како јапонската и швајцарската.

Растат и цените на државните обврзници, кои исто важат за сигурни инвестиции, додека британската фунта се наоѓа пред најголема дневна загуба во историјата.

Во еден момент нејзиниот курс во однос на доларот потона рекордни 10 отсто, па нурна на 1,3228 долари, најниско ниво од 1985 година.

Сепак, по најавите на централните банки на групата Г7 дека ќе инјектираат доволно средства на финансиските пазари за да се смири ситуацијата, фунтата малку ги ублажи загубите.

Околу 16 часот нејзиниот курс изнесуваше 1,3660 долари, што значи дека е во загуба осум отсто од денешното отворање на пазарот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП