7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКамерон: Британците се соочени со егзистенцијален избор

Камерон: Британците се соочени со егзистенцијален избор

dejvid-kameron

Кампањите за членството на Велика Британија во Европската унија продолжија во неделата по тридневното прекинување поради убиството на пратеничката на лабуристите, 41-годишната Џо Кокс, а премиерот Дејвид Камерон повторно предупреди дека Британците во четврток се соочуваат со „егзистенцијален избор“, додека шефот на луксембуршката дипломатија смета дека Брекзитот би имал домино ефект на источноевропските земји членки на ЕУ.

Активностите во врска со кампањите на двата табора, пред референдумот закажан за 23-ти јуни, продолжија со интервјуа и текстови во медиумите во моментот кога анкетите покажуваат дека поборниците на останувањето на Обединетото Кралство во Европската унија добиле малку поддршка по трагичниот настан, па за разлика од минатата седмица севкупната слика покажува речиси изедначено расположение на гласачкото тело.

Премиерот Дејвид Камерон, кој ја води кампањата за останување во ЕУ, ги повика избирачите да размислат за економските последици за Велика Британија, доколку се одлучат да го напуштат 28-члениот блок.

„Во четврток се соочуваме со егзистенцијалниот избор. Затоа запрашајте се: дали навистина слушнав нешто што би ме убедило дека излегувањето од ЕУ би била најдобрата работа за економската сигурност на моето семејство“, напиша Камерон во колумната објавена во The Sunday Telegraph.

Мајкл Гов, портпарол на кампањата за излегување од ЕУ, верува дека излегувањето всушност би ја подобрило позицијата на британската економија.

„Не можам да ја предвидам иднината, но не верувам дека излегувањето од ЕУ би ја направило нашата економска ситуација полоша, мислам дека би ја направило подобра“, вели Гов во интервјуто за истиот весник.

Истовремено се огласи и луксембуршкиот министер за надворешни работи со предупредување на можните погубни последици од британското излегување во земјите од источна Европа.

„Не може да се исклучи можноста дека Брекзитот би можел да има домино ефект на источноевропските членки на ЕУ. Но дури и Британците да одлучат да останат, тоа нема да го реши проблемот кои произлегува од негативниот став на Британија кон Европската унија“, смета шефот на луксембуршката дипломатија Жан Алсеборн.

Одлуката на Камерон да го распише референдумот, Алсенборн ја нарекува „историска грешка“ и признава дека понекогаш има чувство дека британскиот премиер и челникот на владејачката полска партија Право и справедливост (PiS), Јарослав Качински, премолчно се договориле европската интеграција да ја вратат наназад.

„Се чини дека и двајцата имаат иста агенда во врска со нивниот критички став во однос на Европската унија“, вели Алсенборн.

Полска е најголемата економија во источното крило и најголем примач на структурните фондови во ЕУ. Британија, од друга страна, префрла повеќе пари во европскиот буџет отколку што добива назад, и тоа е еден од аргументите на кампањата за напуштање на ЕУ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП