26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродолжува „топењето“ на девизните резерви – пад од 29.5 милиони евра во...

Продолжува „топењето“ на девизните резерви – пад од 29.5 милиони евра во мај

bank

Продолжува трендот на „топење“ на девизните резерви. За една година се намалиле за 164.1 милиони евра – во мај 2015-та биле 2 милијарди и 385.5 милиони евра, а во мај 2016-та 2 милијарди и 164.4 милиони.

Народната Банка (НБРМ) во моментов чува 1 милијарда и 657.3 милиони евра во хартии од вредност, 264.5 милиони во валути и депозити, 237.9 милиони како монетарно злато и 4.7 милиони како специјални права за влечење.

Девизите не се само во евра и американски долари – откако пред три години се засили кризата во Еврозоната, Народната банка почна да вложува и во австралиски и канадски долари, како и во норвешки и шведски круни.

Шпекулациите ги намалија резервите

Трендот на намалување на девизните резерви почна од почетокот на годината, но значително се засили во последните два месеци кога НБРМ беше принудена да интервенира за да го одбрани курсот на денарот кој беше под закана од шпекулациите за можна девалвација.

Токму во последните два месеца е забележан и најголем месечен пад – во април биле намалени за 32.4 милиони евра, а во мај за уште 29.5 милиони евра.

НБРМ го брани денарот со повеќе мерки

Како резултат на притисокот на девизниот пазар освен директните интервенции преку девизните резерви НБРМ воведе и дополнителни мерки – зголемување на стапката на задолжителна резерва за обврски на банките со валутна клаузула од 20% на 50%, доведување на каматната стапка за девизните депозити што деловните банки ги имаат во централната банка од негативната зона до 0% како и зголемување на каматата за благајничките записи од 3.25% на 4%.

„Заради натамошно поттикнување на процесот на денаризација на депозитите во домашниот банкарски систем е зголемена стапката на задолжителната резерва за обврски на банките во домашна валута со валутна клаузула… Покрај тоа, заради одржување и зголемување на депозитите во домашниот банкарски систем преиспитани и подобрени се условите за пласирање девизни депозити на домашните банки во Народната банка“ објаснија тогаш од НБРМ.

И пред и по донесувањето на мерките и интервенциите на девизниот пазар НБРМ остана на тврдењето дека денарот ќе остане стабилен и де факто врзан за еврото.

„Тоа се само шпекулации, целосно неосновани. Јас би им порачал на сите граѓани, на сите бизниси воопшто да не ги земаат за сериозно таквите шпекулации. Секој оној што го кажува тоа, или нема доволно информации или пак лаже“, изјави неодамна гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Последната девалвација се случи во 97-та кога преку ноќ денарот изгуби повеќе од 16.1% од својата вредност – германската марка поскапи од 27 на 31 денар. Оттогаш земјава води политика на ниска инфлација и стабилен курс на денарот. Националната валута е врзана за еврото и тоа на позиција од 61, 5 денари за едно евро.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП