14 мај, 2025
ПочетнаКОЛУМНИБанкарски советник: Како каматните стапки во Америка ни ја поскапуваат ратата од...

Банкарски советник: Како каматните стапки во Америка ни ја поскапуваат ратата од кредитот?

Многу често, повеќето луѓе си велат: „Што има врска Америка со мојот кредит во Македонија?“

Искрено, пред неколку години и јас си го поставив истото прашање. Но денес живееме во свет каде што сè е поврзано. Што ќе одлучи централната банка на САД, односно Федералните резерви, може директно да влијае на тоа колку ќе плаќаш месечно за станбениот кредит, автомобилот или потрошувачкиот кредит.

Зошто САД ги зголемува каматите?

Просто речено, за да ја смират инфлацијата. Кога цените почнуваат да растат пребрзо, тие ги „стегаат ремените“ – ги зголемуваат каматите, за луѓето и компаниите помалку да се задолжуваат и помалку да трошат. Тие мерки имаат за цел да го „оладат“ пазарот.

И тоа функционира, барем за нив. Но тие потези испраќаат бранови низ целиот свет.

А што е со нас? Ние сме мал брод во тој огромен светски економски океан.

Кога Америка ги зголемува каматите, инвеститорите се префрлаат на „посигурни“ места, а Македонија не е на таа листа.

Со други зборови, парите одат онаму каде што приносот е висок, а ризикот мал. А кај нас во тие моменти треба повеќе „да платиме“ за да позајмиме, како држава, но и како граѓани.

Нашите банки, кои дел од средствата ги добиваат од надвор или се водат според меѓународни референтни камати (како што е EURIBOR-от), мораат да ги прилагодат своите каматни стапки.

Што значи ова за нас?

Доколку имате кредит со променлива камата, голема е веројатноста дека вашата рата за кредит ќе порасне.

Доколку планирате нов кредит, ќе ви биде поскап.

А доколку штедите – има мала добра вест, а тоа е дека каматите на штедните влогови полека се движат нагоре, но не со иста брзина како оние за кредитите.

Што можеме да направиме?

Доколку имате променлива камата, проверете со банката колку и кога може да се промени истата.

Разгледајте ги опциите за рефинансирање со фиксна камата.

Не влегувајте во нови долгови без да направите добра пресметка.

Нема потреба да се плашиме од ваквите трендови, ама мора да ги разбираме. Колку подобро ги следиме светските движења, толку попаметни ќе бидеме во нашите лични одлуки, а токму за тоа ќе зборуваме секој ден во оваа нова серија текстови.

Вашиот Личен Банкарски Советник

Б.С.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП