19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродажбата на Алфа банка АД Скопје

Продажбата на Алфа банка АД Скопје

bogov

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, на неговиот линкдин профил детално ја објасни продажбата на Алфа банка АД Скопје.

Зошто се продаде Алфа банка АД Скопје?

Грчката должничка криза ги доведе грчките банки во големи загуби при што нивниот капитал беше целосно изгубен. Тие мораа да бидат капитализирани од европскиот фонд за финансиска стабилност односно од грчкиот фонд за финансиска стабилност. Бидејќи по правилата на европската комисија тоа се смета за државна помош директоратот за конкурентност на ЕК им наложи на грчките банки да се ослободат од нивните несуштествени делови во земјата и во странство. Истовремено, притисокот кој го чувствуваше Алфа банка Грција од грчката должничка криза го загрозуваше работењето и стабилноста на Алфа банка Скопје. Затоа Алфа банка Грција минатата година ја продаде својата филијала во Бугарија и отпочна постапка за продажба на подружницата во Македонија.

Како се одвиваше продажбата?

Алфа банка Грција имаше целосна слобода во барањето купувач. Но, за жал интересот за купување банки во Европа во последните неколку години е никаков. Основната причина за тоа се проблемите што ги имаат европските банки со лошите кредитни портфолија, новата регулатива на ЕУ која им наметна високи капитални барања, лошото искуство на странските банки во некои земји како Унгарија, Хрватска, сега во подготовка во Полска каде со закони за решавање на кредитите во швајцарски франци им беа нанесени големи загуби на банките, а некаде беше воведен данок на активата. Поради ваквите околности изборот на потенцијални купувачи беше мал. На пример, Рајфајзен се повлекува од Полска и Словенија, а не се исклучени и други повлекувања од централна и источна Европа.

Преговорите за продажба се одвиваа меѓу продавачот и купувачот. Народната банка беше информирана за намерите од двете страни но не учествуваше во преговорите меѓу нив. По склучувањето на преддоговорот Народната банка беше информирана за тоа по што купувачот ја достави целокупната документација за лиценцирање. Процесот се одвиваше стандардно според законската процедура како и сите претходни купопродажби на банки. Народната банка ја почитуваше замолницата на продавачот за дискреција во однос на преговорите кои се одвиваа меѓу нив, поради влијанието што таквите информации можеа да го имаат врз Алфа банка во Грција која поминуваше низ сложен процес на докапитализација. Конечно, трансакцијата помина на берза на 9. мај, а на 10. мај беше извршен преносот на акциите на новиот сопственик. Истиот ден јавноста беше информирана од НБРМ и од Алфа банка Грција. Со таа трансакција се намали системскиот ризик во македонскиот банкарски сектор. Алфа банка АД Скопје веќе не може да биде загрозена од грчката должничка криза која може повторно да еруптира летово.

Цена на купопродажба

Народната банка нема надлежност врз тоа прашање. Сумата на трансакцијата е договорена меѓу продавачот и купувачот и е резултат на пазарните прилики. Алфа банка АД Скопје не котира на берзата, но цената на македонските банки кои котираат на берзата се движат меѓу 30% и 50% од книговодствената цена. Колку за ориентација слични цени како сооднос на пазарната и номиналната цена на акциите се постигнати на сите трансакции за купопродажба на банки во последните неколку години во Европа. На пример, минатиот месец, инвестициски фонд од америка ја купи втората најголема банка во Словенија – Нова кредитна банка Марибор за околу 40% од книговодствената вредност. Тука некаде е и пазарната цена на акциите на Алфа банка во Грција. Оттука, сосема логично е дека и постигнатата цена за вкупниот капитал на Алфа банка АД Скопје кој изнесува нешто над 10 милиони евра (купувачот покрај акциите за кои плати 1,2 милиони евра на берзата, го откупи и субординираниот кредит во посебна трансакција) изнесуваше околу една третина од неговата книговодствена вредност.

Кој е новиот сопственик на Алфа банка АД Скопје?

Алфа банка АД Скопје доби нов сопственик. Народната банка даде согласност на Silk Road Capital AG од Швајцарија за купување на 100% од акциите на Алфа банка АД Скопје. Во случајот на Silk Road Capital AG се работи за таканаречен “special purpose vehicle” односно компанија креирана со посебна цел за преземање на одредени инвестиции и стекнување учество во банки и други финансиски институции во земјата и странство, зад која стои Anisur Khan кој е целосно идентификуван пред НБРМ. Се работи за инвеститор со висок кредибилитет со триесетгодишно искуство во финансискиот сектор во Швајцарија и во централна и југоисточна Европа. Извршувал одговорни функции во тогаш најголемата банка во светот – американската Сити банка во нејзината подружница во Цирих, меѓу кои и позицијата главен финансиски директор на корпоративна и инвестициска банка дел од Сити груп. Потоа бил основач и управител на капитален инвестициски фонд во кој успеал да привлече значајни институционални инвеститори, меѓу кои и германската државна банка KFW и швајцарската државна агенција за меѓународен развој SECO. Тој Фонд бил лиценциран како акционер во банки во Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Македонија. Конкретниот инвеститор има искуство и во директно вршење надзор врз банкарското работење, така што бил член на Надзорни одбори во банки во Хрватска и Босна и Херцеговина, а моментално е член на Надзорен одбор во банка во Швајцарија. Од податоците кои и се достапни на Народната банка новиот сопственик во својата долга кариера како финансиски експерт директно или индиректно соработувал со американската, швајцарската и македонската влада. Анисур Кан учествувал како консултант во воспоставувањето на штедилницата Можности во Македонија, како и на банка на Косово која подоцна била продадена на Рајфајзен.

Ново раководство на Алфа банка АД Скопје

Новиот сопственик достави бизнис план кој предвидува продолжување на работењето како универзална банка. Народната банка веќе даде одобрение за членовите на Надзорниот одбор на банката. Двајцата независни членови остануваат исти (Јелисавета Георгиева од Стопанска Комора на Македонија  и Константинос Дердемеѕис од цементарата Титан Грција), а тројцата претставници на акционерот се искусни банкари со богато меѓународно искуство меѓу кои е Горан Марковски директор на инвестицискиот фонд КБ публикум. Еден од членовите на Управниот Одбор (Милена Перчинкова) ќе остане и натаму на својата позиција додека за втор член е најавено дека ќе биде предложен Ролф Шнебили – искусен банкар од Швајцарија кој работел во повеќе швајцарски банки.

Дали е вообичаено инвестициски фондови да бидат доминантни акционери во банка?

Тоа е вообичаена пракса во светот. После големата финансиска криза во 2008 година, тие се единствените купувачи и во регионот. На пример, во 2015 година Американскиот инвестициски фонд Адвент купи 80% од австриската банка Хипо Aлпе Aдриа ЈИЕ, а во април 2016 година американскиот инвестициски фонд Аполо купи 80% од акциите на втората по големина банка во Словенија – Нова Кредитна Банка Марибор. Истиот инвестициски фонд е најсериозен кандидат да ја купи и словенечката подружница на Рајфајзен банката и да ја припои кон Нова Кредитна Банка Марибор со што ќе се создаде банка од слична големина како и Нова Љубљанска Банка.

Инвестициските фондови биле лиценцирани како купувачи на банки и во Македонија. Имено, во 2007 година инвестицискиот фонд Мајлстоун од Исланд доби согласност да купи 100% од акциите на тогашната КИБ банка АД Куманово. Еден од акционерите на Мајлстоун беше фирма регистрирана на Британските девствени острови. Истата година му беше дадена согласност на финансискиот холдинг Алфа фајнанс од Бугарија да купи 100% од тогашната Интернационална Приватна Банка АД Скопје. Претходно EHH-Eastern Hemisphere Holding SA Melide и Gofi-Group of Finance and Investment SA добија согласност да имаат по 50% од акциите на Еуростандард. Двете компании се регистрирани во Швајцарија со намена за стекнување удели во банки и други финансиски инвестиции.

Првиот инвестициски фонд формиран и управуван од Анисур Кан (за кој говорев погоре) во Македонија добил согласност во 2007 година да купи 10% од тогашната ИК банка, а во Хрватска, во Босна и Херцеговина и во Албанија поседуваше помеѓу 20% и 30% од акциите на поединечни банки во тие земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП