Градежните компании имаат намален обем на работа на странските пазари, а зголемен на домашниот. Државата преку инфраструктурните проекти останува главниот работодавач за секторот, но се наметнува прашањето до кога може да биде така.
Зголемен обем на работа на домашниот пазар
На домашниот пазар градежниците имаат зголемен обем на работа. Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) иако има месечни варијации.
Во првиот квартал годинава биле издадени 794 одобренија за градба со вкупна проценета вредност на објектите од 193.6 милиони евра.
Во март биле издадени 196 одобренија за градба со вкупна проценета вредност на објектите од речиси 47.6 милиони евра што е за 17.6% односно за 23.8% помалку од истиот месец лани. Како инвеститори кај две третини од објектите се јавуваат физички лица, а кај една третина правни субјекти.
Во февруари биле издадени 335 одобренија со вкупна проценета вредност од речиси 95.5 милиони евра што е за 48.2% односно за 228.3% повеќе од истиот месец лани.
Во јануари, пак, биле издадени 263 одобренија со вкупна вредност од нешто над 50.5 милиони евра што е повеќе за 11.4% односно за 97%.
Помалку договорени и извршени работи во странство
На странските пазари обемот на работа е помал. Вредноста на договорените градежни работи во првиот квартал од годинава е нешто над 41.4 милиони евра што е за 18.2% помалку од првиот квартал лани.
Во истиот период македонската градежна оператива во странство извршила работи вредни 2.4 милиони евра што е намалување од дури 66.2%.
Повеќе активности биле реализирани само во Албанија и во Германија, а во сите други држави има намалување.
Лани градежништвото порасна за 16.8%
Лани градежништвото имаше раст од 16.8%, повторно беше главната компонента која „изѕида“ вкупно зголемување на економијата од 3.7% и остана основниот столб на кој се потпира стопанството. Ова резултираше и со позитивни биланси за најголем дел од компаниите кои котираат на берзата – речиси сите прокнижија зголемени приходи и профити.
БЕТОН Скопје имал раст на приходот од 7% и на профитот од 31%. Сумите за 2015-та достигнале 47.589.479 односно 1.481.121 евра. Бројот на вработени лани бил зголемен за 90 луѓе.
БЕТОН Штип имал приход од над 12.276.114 евра и профит од 775.333 евра, послаби бројки во однос на претходната година за 8 односно 49%. Ова се должи пред се на зголемените расходи заведени под категоријата „останато“.
Приходите на ГРАНИТ Скопје останале на речиси исто ниво, се зголемиле за точно 1% и достигнале 66.095.609 евра. Во истиот период профитот пораснал 17% до сума од 3.575.886 евра.
Кај компаниите кои произведуваат градежни материјали резултатите беа различни од случај до случај – едните со солиден раст на добивката, другите со значителен пад.
Мермерниот комбинат ПРИЛЕП во 2015-та имал приходи од 16.340.943 евра што е за 14% помалку од 2014-та. Намалување од 29% има и кај профитот кој бил 4.895.089 евра.
Цементарницата УСЈЕ 2015-та ја завршила со приход од 72.257.073 евра или 8% повеќе од 2014-та. Профитот достигнал 20.545.333 евра и бил помал за 14%. Поголемиот приход, а помалиот профит е резултат на инвестиции, резервации и други расходи.
Фабриката КАРПОШ која прави бетонски полуфабрикати, мостови, далноводи, но и станови и индустриски објекти годината ја завршила со приходи од 10.526.911 евра, зголемување од 21%. Заработката била 305.789 евра со што бил остварен раст од дури 113%.
АДИНГ кој произведува адитиви за градежништвото минатата година ја завршил со приход од 5.572.748 евра или 34% повеќе. Профитот бил дуплиран, се зголемил за точно 100% и достигнал 248.992 евра.
До кога државата може да биде главен работодавач за градежниците?
Главниот поттик за градежниците секако се големите државни инфраструктурни проекти. Со буџетот за 2016-та се предвидени 408 милиони евра за капитални инвестиции што е за 12.9% повеќе од 2015-та.
Во патната и железничката инфраструтктура ќе бидат вложени 77 милиони евра, најмногу за Коридорот 10 односно за делницата Демир Капија – Смоквица, но крајната сума е поголема бидејќи во неа не влегуваат автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Штип кои се финансираат преку Агенцијата за патишта. За водоводи и канализации ќе одат 50 милиони, а за гасификација 7 милиони евра. Средства ќе има и за изградба и реконструкција на болници – 7 милиони, за новиот клинички центар во Скопје – 10 милиони, за нови основни училишта 2 милиони, за спортски сали 3 милиони и за студентски домови 1.5 милиони евра.
Сепак, за дел од аналитичарите ваквиот раст не може да се одржи на долг рок, проектите некогаш ќе мора да запрат, а кредитите да се вратат.
„Неизвесно е колку е одржлив ваквиот раст, со оглед на тоа што градежните проекти нема да можат да продолжат вечно. Вториот е што овој раст завршува во рацете на мал број луѓе, со што се продлабочуваат социјалните разлики“, изјави неодамна аналитичарот Бранимир Јовановски.
К. Н.