26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДевизните резерви „се стопиле“ за 88.5 милиони евра за една година

Девизните резерви „се стопиле“ за 88.5 милиони евра за една година

evra

Девизните резерви „се стопиле“ за 88.5 милиони евра за една година. На крајот на првиот квартал од 2016-та изнесувале 2 милијарди 266 милиони и 300 илјади евра, а на крајот од првиот квартал од 2015-та биле 2 милијарди 354 милиони и 800 илјади евра.

Сепак, од почетокот на годината резервите имаат умерен раст, од јануари до март се зголемиле за речиси 20 милиони евра.

Народната Банка (НБРМ) во моментов чува 238.4 милиони евра во монетарно злато, 291.8 милиони во валути и депозити, 1 милијарда и 731 милион во хартии од вредност.

Според Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво, коешто е доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина.

„Последните податоци за девизните резерви (приспособени за ефектите од ценовните и курсните разлики и ценовните промени на хартиите од вредност) заклучно со март, покажуваат умерен раст од почетокот на 2016 година, наспроти очекувањата за нивно намалување во рамки на октомвриската проекција. Анализата на показателите на адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се движат во сигурната зона“, се наведува во соопштението на НБРМ.

Откако пред три години се засили кризата во Еврозоната, Народната банка покрај во евра и во американски долари, почна да вложува и во австралиски и канадски долари, како и во норвешки и шведски круни.

„Со оваа одлука ја намалуваме изложеноста кон кредитниот ризик согледан во однос на Еврозоната“, објаснуваа тогаш од НБРМ.

Токму девизните резерви ја гарантираат вредноста на денарот. И стојат на располагање на Народната Банка за регулирање на нерамнотежите во платниот биланс и на девизниот пазар.

Денарот ќе остане стабилен и де факто врзан за еврото уверува гувернерот Димитар Богов според кого механизмот за одржување рамнотежа е добро поставен и не се можни големи отстапувања.

„Тоа се само шпекулации, целосно неосновани. Јас би им порачал на сите граѓани, на сите бизниси воопшто да не ги земаат за сериозно таквите шпекулации. Секој оној што го кажува тоа, или нема доволно информации или пак лаже“, вели гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Последната девалвација се случи во 97-та кога преку ноќ денарот изгуби повеќе од 16.1% од својата вредност – германската марка поскапи од 27 на 31 денар. Оттогаш земјава води политика на ниска инфлација и стабилен курс на денарот. Националната валута е врзана за еврото и тоа на позиција од 61, 5 денари за едно евро.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП