17 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајсиромашните пензионери во Европа се во Естонија, најбогатите во Исланд

Најсиромашните пензионери во Европа се во Естонија, најбогатите во Исланд

Пензионерите во Источна Европа се соочуваат со поголеми финансиски тешкотии, додека стапките на сиромаштија се пониски во скандинавските и западноевропските земји. Швајцарија и Велика Британија се исклучоци во овој поглед, покажувајќи релативно високо ниво на сиромаштија кај пензионерите, според извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), цитиран од „Euronews“.

Во повеќето европски земји, просечниот приход на лицата на возраст од 65 години и повеќе е помал од оној на општата популација, вели организацијата. Во многу случаи, приходот на постарите лица е под 80% од националниот просек, што придонесува за многу високо ниво на сиромаштија кај пензионерите.

Како се разликуваат овие нивоа на финансиска несигурност низ Европа? Во кои земји пензионерите се најмногу изложени на сиромаштија? И како се споредуваат приходите на постарите лица со националниот просек?

Индикаторите за ниски приходи го мерат процентот на луѓе на дното од распределбата на приходите. Поконкретно, стапката на сиромаштија се однесува на делот од населението чиј приход е под линијата на сиромаштија. Според ОЕЦД, таа се дефинира како 50% од медијалниот приход на домаќинствата во целото население.

На пример, во 2022-ра година, средниот расположлив приход на домаќинствата во Франција – прилагоден според големината на домаќинствата – изнесувал 26.410 евра. Ова значи дека линијата на сиромаштија била 13.205 евра.

Во 2022-ра година, стапката на сиромаштија кај пензионерите во 30 европски земји се движела од 3,1% во Исланд до 37,4% во Естонија, мерејќи го уделот на луѓе над 65 години со приходи под половина од средниот расположлив приход на домаќинствата.

Источна наспроти Северна Европа

Пензионерите се финансиски поранливи во Источна Европа, особено во балтичките држави и голем број посткомунистички земји.

По Естонија, највисоки стапки на сиромаштија кај пензионерите се забележани во Латвија (33%), Хрватска (28,5%) и Литванија (24,6%).

Стапката на сиромаштија кај пензионерите е пониска во Западна и Северна Европа. Исланд (3,1%), Норвешка (4,1%), Данска (4,3%) и Финска (5,5%) се меѓу земјите со најмалку сиромашни пензионери. Овие земји имаат корист од силни социјални системи и универзални пензиски програми.

Но, Швајцарија (19,8%) и Обединетото Кралство (14,9%) се издвојуваат со релативно високи стапки на сиромаштија кај пензионерите.

Меѓу петте најголеми економии во Европа, Обединетото Кралство има најголем удел на сиромашни пензионери, веднаш по неа следуваат Германија со 14,1% и Шпанија со 13,1%. Италија се снаоѓа малку подобро со 12%, додека Франција има најниска стапка од само 6%.

Севкупно, стапката на сиромаштија кај жените на возраст за пензионирање е многу повисока од онаа кај мажите, делумно поради подолгиот животен век на жените.

Клучни двигатели на сиромаштијата кај пензионерите

„Ниските пензии се главниот фактор што придонесува за сиромаштијата кај пензионерите“, изјави за „Euronews Business“ Ендру Рајли, аналитичар за пензии во OЕЦД.

„Дури и со релативно долг работен век, пензиите се ниски во Естонија, Јапонија, Јужна Кореја, Латвија и Литванија“, додаде тој.

Рајли забележува дека овие земји имаат едни од највисоките нивоа на сиромаштија кај пензионерите.

„Во балтичките земји, високите стапки на сиромаштија се резултат на ниските пензии поврзани со заработката и релативно ниските социјални бенефиции“, додаде тој.

Силата на првиот столб, државните пензии, може да ги намали стапките на сиромаштија кај постарите граѓани со тоа што ќе им обезбеди загарантиран минимален приход.

„Земјите што имаат големи социјални бенефиции за пензионерите, без разлика дали се насочени само кон сиромашните или им се исплаќаат на сите, имаат тенденција да имаат пониски стапки на сиромаштија кај постарите групи во споредба со општата популација, на пример Данска, Исланд и Норвешка“, вели Рајли.

Тој додава дека Латвија и Литванија имаат ниски нивоа на социјални бенефиции.

Приход на постарите лица во споредба со националниот просек

Просечниот приход на лицата на возраст од 65 години, изразен како процент од просечниот приход на целото население, значително варира низ европските земји.

Во 2022-ра година, тој се движел од 66,3% во Естонија до 107% во Луксембург. Ова значи дека во Естонија, постарите лица добивале само две третини од просечниот приход во земјата.

Меѓу 29 земји, коефициентот на приход на лицата над 65 години е под 80% во уште неколку земји – Литванија (66,5%), Латвија (71,4%), Хрватска (73,4%), Белгија (76,2%), Чешка (76,7%) и Швајцарија (79,4%).

Луксембург го предводи рангирањето со 107%, по што следат Италија (98,8%), Португалија (97,1%) и Шпанија (96,7%).

Меѓу најголемите економии во Европа, Италија и Шпанија имаат најголем удел на приходите на старите лица во просечниот приход на целото население, по што следува Франција со 94,3%. Во Велика Британија, овој удел е помал, на 82,1%. И покрај високата стапка на сиромаштија кај пензионерите во Германија, уделот на приходите на старите лица таму сè уште достигнува 90% од националниот просек.

На пример, во 2022-ра година, просечниот расположлив приход на домаќинствата во Франција, прилагоден според големината на домаќинствата, изнесувал 30.500 евра. Лицата над 65 години добивале просечно 28.750 евра.

Односот може значително да варира од година во година во некои земји. На пример, во Турција изнесуваше 97,3% во 2019-та година, потоа се искачи на 103% во 2020-та година и падна на 84,5% во 2022-ра година.

Куповна моќ

Од друга страна, извештајот на ОЕЦД – „Поглед кон пензиите 2023“ забележува дека овие бројки се базираат на податоци за приходите, а значајните разлики меѓу земјите во однос на богатството (домување или други средства) на постарите лица можеби не се одразуваат на стапките на сиромаштија во приходите.

Со други зборови, при проценка на тоа кои земји нудат најдобри услови за пензионирање, треба да се земат предвид и големината на пензиите и нивната куповна моќ, пишува ОЕЦД.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП