10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПолитика vs економија – шпекулации за девалвација на денарот, барања за окончување...

Политика vs економија – шпекулации за девалвација на денарот, барања за окончување на кризата

den

Политичката криза може да има сериозно влијание врз економскиот раст. Компаниите почнуваат да се воздржуваат од нови инвестиции поради неизвесниот амбиент. Сите бизнисмени обединети во барањето да се стави крај на ваквата состојба. Освен кај компаниите расте загриженоста и кај граѓаните. Се погласни се шпекулациите за можна девалвација или инфлација. Од Народната Банка смируваат – денарот ќе остане стабилен.

Македонско – германска комора: расте песимизмот кај компаниите

Политичката криза им влева несигурност на германските инвеститори – дури половина од анкетираните 59 компании сметаат дека за разлика од лани, годинава економската состојба ќе биде полоша. Оптимисти се само 10%.

„Како бизнис комора нас првенствено не интересира економската база во земјата, но ние се надеваме дека политичарите разбираат и знаат дека капиталот е плашлив како срна… Гаранција за успех на Северозападна Европа е што политиката секогаш се дели од економијата. Кога во Германија, Холандија или Данска имаме избори во тој случај бизнис секторот се интересира за ова само на маргините“, изјави Мартин Кнап директор на Стопанска комора на Германија во Македонија.

ССК: неизвесноста ги одложува инвестициите

Во Сојузот на стопански комори (ССК) велат дека во неизвесен амбиент не може да се размислува за инвестиции и за развој. Објаснуваат дека не само што банките нема да даваат туку и компаниите ќе престанат да бараат кредити.

„За бизнис заедницата е важно да се знае кога ќе заврши политичката неизвесност, не може да трае во недоглед. Треба да има одредено решение за кризата, со цел да продолжи кредитната активност на банките и компаниите и да започне нов инвестициски циклус… Не станува збор дали банките ќе даваат кредити туку дали и компаниите ќе бараат кредити. Зголемување на производство, овојување на други пазари, склучување на договори со нови партенери, почнување на инвестициски активности не може да се ефектуира во услови на политичка неизвесност“, оценува Митко Алексов, извршен директор на ССК.

СКСЗМ: веќе ги броиме штетите

Бизнисмените обединети во Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) велат дека веќе ги бројат штетите, најпогодени биле малите и средни претпријатија, а проблемот со наплатата станувал се поизразен.

„Отежнато е функционирањето на институциите, а странските партнери стравуваат од натамошна соработка и инвестирање. Политичките фактори, наместо да се посветат на решавање на ситуацијата, се занимаваат со својот личен интерес. Тешко е да се каже кој е виновен, но сите треба да бидат одговорни, сериозно да се однесуваат и да донесат долгорочни одлуки… Реагираме на последните непромислени политички одлуки кои го загрозуваат владеењето на правото, а без тоа не може да се замисли бизнис…На среден рок очекуваме економска стагнација, а ако не се преземат итни, ефикасни мерки, не е исклучени почеток на економски регрес“, вели претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа.

Аналитичари: неизвесноста го јаде бизнисот

Воздржувањето на домашните и странските инвеститори е еден од симптомите дека сепак, економијата не е имуна на политичката криза. Бројките и прогнозите за економски раст се оптимистички, но не смее да се занемари опасноста што ја носи неизвесноста, и тоа ќе го почувствуваат сите, и граѓаните и фирмите, смета универзитетскиот професор Сами Бислими.

„Последиците од постојната политичка криза веќе ги чувствуваме. Странските инвестиции се на многу ниско ниво, задолжувањето постојано расте. Политичката криза неминовно ќе доведе до раст на каматните стапки, потоа негативно ќе се одрази на домашните инвестиции, до релативно намалување на домашната побарувачка, а сето тоа ќе доведе до зголемување на негативното салдо на тековната сметка, а со тоа и на салдото на билансот на плаќање, состојба која што лесно може да не доведе до позиција на несолвентност”, вели Бислими.

Дека неизвесноста го јаде бизнисот сметаат и економските аналитичари. Кризата која трае повеќе од една година веќе имала негативно влијание на растот, покажуваат анализите на FinanceThink.

„Неизвесноста го јаде бизнисот – всушност во 2015 му изеде најмалку 1 процентен поен од растот на додадената вредност. Ми се чини дека годинава ефектот ќе биде уште посилен. Според нашите проекции од декември растот ќе беше 3.8% годинава, но ризиците кои ја туркаат оваа проекција надолу во моментов работат со голем интензитет. Во март ќе излеземе со нова проекција. Економијата едноставно застана – сите, и граѓани и фирми се во исчекување што ќе се случи во оваа политичка мешаница. Кој носи долгорочни одлуки во ваков контекст? Никој! А, неизвесноста може да се намали само ако имаме избори кои ќе бидат фер, демократски и признати од сите засегнати страни. Без тоа, за жал последиците ќе бидат многу подалекусежни“, изјави неодамна извршната директорка на FinanceThink Благица Петрески.

Се погласни шпекулации за можна девалвација или инфлација

Освен кај компаниите расте загриженоста и кај граѓаните. Се погласни се шпекулациите за можна девалвација или инфлација. Од Народната Банка (НБРМ) смируваат – денарот ќе остане стабилен и де факто врзан за еврото. Според гувернерот Димитар Богов механизмот за одржување рамнотежа на девизниот курс и стабилност на цените е добро поставен и не се можни големи отстапувања.

„Тоа се само шпекулации, целосно неосновани. Јас би им порачал на сите граѓани, на сите бизниси воопшто да не ги земаат за сериозно таквите шпекулации. Секој оној што го кажува тоа, или нема доволно информации или пак лаже“, вели гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Последната девалвација се случи во 97-та кога преку ноќ денарот изгуби повеќе од 16.1% од својата вредност – германската марка поскапи од 27 на 31 денар. Оттогаш земјава води политика на ниска инфлација и стабилен курс на денарот. Националната валута е врзана за еврото и тоа на позиција од 61, 5 денари за едно евро.

„Македонија 19 години има стабилен курс на денарот. Во овие 19 години бевме соочени и со многу поголеми предизвици од овие сега, така што укажавме дека Народната Банка има капацитети и може да испорача ценовна стабилност, стабилност на курсот на денарот и сигурност на банкарскиот систем. Така што не треба да има загриженост околу ова, не треба да се верува на шпекулациите. Значи инфлацијата во Македонија останува многу ниска, курсот на денарот останува стабилен, банките остануваат најсигурно место за штедење“, вели Богов.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП