За време на неговата посета од 13 до 16 мај, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ќе најде Персиски Залив кој е економски, дипломатски и стратешки трансформиран, пишува во анализа на „National“.
Статијата потсетува на пречекот на Трамп со сабји, спектакл и стратешки гаранции во Ријад во 2017-та година, кога Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Катар беа главни столбови на регион длабоко поврзан со безбедносниот чадор на Вашингтон. Сега го чека посигурен и стратешки разновиден полуостров.
Иако САД остануваат главен партнер во однос на одбраната, тие веќе не се единствената сила што го обликува регионот. Пекинг, Брисел, Њу Делхи и Москва се дел од мултиполарна матрица во која земјите од Заливот се справуваат со зголемена доверба, истакнува емиратското издание. Тие сега имаат повеќе опции во однос на стратешките, инвестициските и трговските партнери, истакнува Абдулхалек Абдула од ОАЕ, кој е гостувачки виш соработник на Универзитетот Харвард.
САД сè уште остануваат главен гарант на одбраната и безбедноста на земјите од Заливот. Минатата недела, Стејт департментот одобри можен воен договор со Саудиска Арабија вреден 3,5 милијарди долари за продажба на ракети воздух-воздух со среден дострел „AIM-120C-8“. „Ruters“ претходно објави дека САД планираат да му понудат на кралството пакет оружје во вредност од над 100 милијарди долари за време на претседателската посета.
Меѓу примарните цели на Трамп е постигнување инвестициски договори. Тој рече дека Саудиска Арабија се согласила да инвестира „еден трилион“, но престолонаследникот Мохамед бин Салман само ја потврдил сумата од шестотини милијарди долари. Според некои набљудувачи, на Ријад можеби ќе му биде тешко да го исполни ова ветување поради падот на цените на нафтата.
Цената на суровата нафта „брент“ падна на нешто над 60 долари за барел, што е далеку под цената од 100 долари што Саудиска Арабија ѝ е потребна за да го балансира својот буџет.
Во кралството, Доналд Трамп ќе се сретне со веќе искусен политички лидер, престолонаследникот. Ријад се позиционираше како дипломатски центар, каде што САД водеа одделни преговори со Украина и Русија. Првата средба лице в лице на високо ниво меѓу Русија и САД од почетокот на војната во Украина, исто така, се одржа во главниот град на кралството.
Во однос на надворешната политика, се очекува американскиот претседател да ја повика Саудиска Арабија да се придружи на Абрахамовиот договор, со кој се нормализираа односите меѓу Израел, ОАЕ, Бахреин, Мароко и Судан. Сепак, ставот на Саудиска Арабија е дека без воспоставување пат кон создавање палестинска држава, воспоставувањето односи со Израел не е на преговарачката маса.
Катар и ОАЕ, исто така, презентираат амбициозни инвестициски планови. Емиратите објавија 10-годишна инвестициска рамка од 1,4 трилиони долари, насочени кон секторите за вештачка интелигенција, полупроводници и природен гас во САД.
ОАЕ заземаат претпазлив пристап, одржувајќи силни врски со Соединетите Американски Држави, а воедно продлабочувајќи ги своите односи со Кина, Русија и Индија. Покрај тоа, Емиратите се согласија со Европската унија (ЕУ) да започнат преговори за слободна трговија и посредуваат во размена на затвореници меѓу Русија и Украина.
„Земјите од Персискиот Залив се чувствуваат удобно покрај Америка сега и во догледна иднина“, вели Абдула. Во исто време, ОАЕ и нејзините соседи гледаат кон исток. „Азија е континентот на иднината“, додава експертот.
Саудиска Арабија и ОАЕ постепено купуваат сè повеќе воена опрема од добавувачи надвор од САД, забележува Хасан Алхасан од Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон.
„Ова вклучува турски и кинески беспилотни летала, јужнокорејски ракети земја-воздух, во случајот на ОАЕ, кинески авиони за обука Л-15 и рускиот противвоздушен ракетен и артилериски систем Панцир“, објаснува тој. „Сепак, арапските држави од Заливот остануваат ориентирани кон Западот кога станува збор за големи купувања на воздушна одбрана, претпочитајќи американски и европски системи“, вели Алхасан.
Доха, пак, стана посредник во некои од најсложените конфликти. Катар е домаќин на разговори со учество на палестинското радикално движење Хамас, Талибанците и претставници на САД и ЕУ. Неговите врски со исламистичките организации, кои некогаш се сметаа за слабост, сега се алатка. За време на тековната војна во Појасот Газа, Катар, заедно со Египет и САД, одигра клучна улога во постигнувањето договори за прекин на огнот и испораката на хуманитарна помош.
Влијанието на Доха во надворешната политика се потпира на солидна економска основа, вклучувајќи партнерства со европски енергетски компании и долгорочни договори за течен природен гас (LNG) со азиски купувачи. Катар одржува блиски врски со САД, а истовремено го проширува својот дипломатски дострел.
„Земјите од Заливот не можат да си дозволат да избираат помеѓу САД – нивниот главен и префериран безбедносен партнер, Кина – нивниот водечки трговски партнер и Русија – нивниот партнер во управувањето со ОПЕК+“, истакнува Алхасан. „Тие активно се позиционираат како место за водење бизнис со сите, дури и кога глобалната економија е поделена меѓу САД и Кина“, вели аналитичарот.