Се подлабоката политичка криза има се поголемо влијание на економските активности. Бизнисмените апелираат на што поскоро окончување – во вакви услови сите компании размислувале само за опстанок, а не за инвестиции. Од друга страна Меѓународниот монетарен фонд направи нагорна проекција за очекувањата за растот на македонското стопанство, а Народната Банка оцени дека влијанието на политиката засега е ограничено и дека економијата напредува со солидно темпо.
ССК: кризата мора да заврши
Во Сојузот на стопански комори (ССК) сметаат дека кризата мора да има итна разрешница, во вакви услови не можело да се размислува за инвестиции и за развој. Велат не само што банките нема да даваат туку и компаниите ќе престанат да бараат кредити.
„За бизнис заедницата е важно да се знае кога ќе заврши политичката неизвесност, не може да трае во недоглед. Треба да има одредено решение за кризата, со цел да продолжи кредитната активност на банките и компаниите и да започне нов инвестициски циклус… Не станува збор дали банките ќе даваат кредити туку дали и компаниите ќе бараат кредити. Зголемување на производство, овојување на други пазари, склучување на договори со нови партенери, почнување на инвестициски активности не може да се ефектуира во услови на политичка неизвесност“, оценува Митко Алексов, извршен директор на ССК.
СКСЗМ: на среден рок сигурна стагнација, на долг рок можна рецесија
На слична линија се и бизнисмените обединети во Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ). Според нив бизнисот поради политичката криза трпи големи штети, неговиот опстанок е речиси доведен во прашање, а посебно биле погодени малите и средните претпријатија.
„Отежнато е функционирањето на институциите, а странските партнери стравуваат од натамошна соработка и инвестирање. Политичките фактори, наместо да се посветат на решавање на ситуацијата, се занимаваат со својот личен интерес. Тешко е да се каже кој е виновен, но сите треба да бидат одговорни, сериозно да се однесуваат и да донесат долгорочни одлуки… На среден рок очекуваме економска стагнација, а ако не се преземат итни, ефикасни мерки, не е исклучени почеток на економски регрес“, вели претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа.
Стопанската комора на Северозападна Македонија апелира претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече одлуката за аболиција. Во спротивно, велат, ќе ги сруши сите демократски принципи во државата.
Аналитичари: неизвесноста го јаде бизнисот
Дека неизвесноста го јаде бизнисот сметаат и економските аналитичари. Кризата која трае една година веќе имала негативно влијание на растот, покажуваат анализите на Finance Think.
„Неизвесноста го јаде бизнисот – всушност во 2015 му изеде најмалку 1 процентен поен од растот на додадената вредност. Ми се чини дека годинава ефектот ќе биде уште посилен. Според нашите проекции од декември растот ќе беше 3.8% годинава, но ризиците кои ја туркаат оваа проекција надолу во моментов работат со голем интензитет. Во март ќе излеземе со нова проекција. Економијата едноставно застана – сите, и граѓани и фирми се во исчекување што ќе се случи во оваа политичка мешаница. Кој носи долгорочни одлуки во ваков контекст? Никој. А, неизвесноста може да се намали само ако имаме избори кои ќе бидат фер, демократски и признати од сите засегнати страни. Без тоа, за жал последиците ќе бидат многу подалекусежни“, изјави недоамна извршната директорка на Finance Think Благица Петрески.
Сепак, според анализите на домашните и меѓународните финансиски институции влијанието на политика врз економијата барем засега е ограничено. И ММФ и НБРМ оценуваат дека стопанството ќе продолжи да расте со солидно темпо.
ММФ: нагорна корекција за растот на македонската економија
Македонската економија ќе порасне повеќе од првичните очекувања. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) изврши нагорна корекција на проекциите за оваа и за следната година. Во најновиот извештај „Премногу бавно, премногу долго“ се наведува дека Бруто домашниот производ на земјава ќе се зголеми за по 3.6% и во 2015-та и во 2016-та што е за 0.4% повеќе од претходната октомвриска анализа.
Од друга страна ММФ ги намали очекувањата за раст на глобалната економија од 3.4% на 3.2%. Надолни корекции има пред се за САД, Јапонија и ЕУ, а нагорни за Кина.
„Како резултат на глобалните финансиски турбуленции, зголемена е загриженоста кај инвеститорите, се заостри падот на цените на нафтата, намалени се цените на т.н ризични средства а зголемени се каматите на кредитите“ стои меѓу другото во извештајот.
НБРМ: стопанството расте со солидно темпо
Народната банка на Република Македонија (НБРМ), пак, во најновиот извештај наведува дека во првото тримесечје продолжува солидниот раст, при поволни движења во клучните сектори на економијата.
„Домашната економија расте со солидно темпо, делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Девизните резерви се на соодветно ниво. Политичките случувања имаат ограничени ефекти врз економијата. Сепаки покрај овие остварувања, неизвесното глобално закрепнување, а особено неповолните услови на глобалниот пазар на метали и неизвесноста заради домашните политички случувања и понатаму се ризиците што може да влијаат врз темпото на идното закрепнување“ се наведува меѓу другото во соопштението од НБРМ.
К. Н.