2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЗаокружен проектот „Ѕвезди на светската книжевност“

Заокружен проектот „Ѕвезди на светската книжевност“

proek

Со промоцијата на последните 38 наслови во средата беше заокружена капиталниот прокет од книжевна едиција на Владата и Министерството за култура „Ѕвезди на светската книжевност“, во која во изминатите четири години беа преведени и отпечатени вкупно 560 најзначајни дела во историјата на човештвото, од кои повеќето првпат беа издадени на македонски јазик.

Во реализацијата на овој обемен проект беа вклучени Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, неколку издавачки куќи и околу 500 стручни лица, од преведувачи, лектори, до автори на поговори на книгите, предводени од претседателот на редакцијата, академик Митко Маџунков.

За нивниот придонес на последната 13-та промоција се заблагодари министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, којашто истакна дека проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ вовел поинаков пристап кон јазичната, книжевната и издавачката материја во Македонија и изрази увереност дека неговите придобивки ќе бидат далекусежни и оти проектот ќе биде фундамент за развојните процеси во литературата, но и во културата воопшто.

„Ќе посакам погледот кон овие 560 дела кои од денеска се неизоставен дел од нашата книжевна ризница, да овозможи македонскиот читател да ги допре ѕвездите, да открие нови светови, нови хоризонти, да се осознае себеси, да ги осознае другите“, рече Канческа-Милевска.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и донеадомнешен премиер на владата која го започна споменатиот проект, Никола Груевски, во изјавата за новинарите го истакна своето задовослтво од тоа што проектот започнат пред четири години успешно е доведен до планираниот крај. Притоа потсети на подготовките пред почетокот на проектот. кога биле консултирани библиотеки од земји кои дале значајни дела во светската книжевност.

„Реализацијата се одвиваше чекор по чекор, се вклучија огромен број луѓе. Процената е дека околу 500 луѓе учествуваа во изработката, подготовката и реализацијата на овој, веројатно најкапитален книжевен проект во историјата на независна Република Македонија, во овие 25 години. Голем потфат за издаваштвото, голем поттик и поддршка за преведувањето, кое како дејност отиде понапред и се поставија нови стандарди. Среќен сум што бев дел од влада која даде многу голема поддршка на културата, на издаваштвото, на издавање дела и книги кои никогаш претходно не се објавени, а важат за едни од највредните во светската книжевност“, рече Груевски.

Делата од оваа едиција може и да се купат во Народната универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје и во Националните библиотеки во Битола, Штип, Охрид и Тетово, а на издавачите им е дозволено допечатување примероци и слободна продажба на пазарот.

„Цената на книгите е прилагодена и, практично, идентична на производната цена. Не е намерата да се направи некоја заработка, туку да им се овозможи на читателите по најпристапна цена да дојдат до овие дела“, додаде Груевски.

Претседателот на стручната редакција на едицијата, академик Митко Маџунков, истакна дека се работи за пионерски потфат од големо значаење за македонската култура, голем издавачки потфат кој, како што рече, покажал и какви се можностите на нашиот книжевен јазик.

„Јазикот е можеби најважниот атрибут на еден народ, а неговата книжевна артикулација е најочигледниот доказ за неговата зрелост. Книжевните јазици освен со оригиналните дела, се потврдуваат со способноста на нив да се преведат најголемите и јазично најсложените дела. Таа задача е сега извршена до крајот и никој повеќе не би можел ниту да помисли да го оспорува македонскиот јазик, а со тоа и народот што зборува на тој јазик“, истакна Маџунков.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП