2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечната плата 22.315 денари: највисока за маркетинг агентите, најниска за текстилците и...

Просечната плата 22.315 денари: највисока за маркетинг агентите, најниска за текстилците и кожарите – како да се протурка месецот?

ppp

Македонскиот работник во просек заработува по 22.315 денари месечно. Ова е износот на просечната нето плата за јануари годинава според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Во однос на јануари лани таа се зголемила за 2%, но во однос на декември се намалила исто така за 2%.

Најдобро платени се маркетинг агентите, во просек по 45.051 денар месечно. Следуваат вработените во воздухопловниот транспорт со 43.851, хемичарите со 41.551, фармацевтите со 41.484, програмерите со 41.120.

Најслабо платени се работниците од кожарската индустрија со просечни месечни примања од 11.187 денари. Следува текстилната индустрија со 11.926, производството на кокс и рафинирањето нафтени производи со 12.364, преработка на дрво со 13.407, производство на мебел со 13.519 и рибарство со 13.587 денари.

Во јануари 2016-та во споредба со јануари 2015-та најмногу пораснале платите во секторот земјоделство, шумарство и рибарство , за 14.5%. Потоа во административни и помошни дејности за 9.7% и градежништво за 8.7%.

Во истиот период намалување на просечните приходи од 15.6% имало кај секторот стручни, научни и технички дејности, од 12.8% кај информации и комуникации и од 7.2% кај преработувачка индустрија.

Во јануари 1% од сите вработени не добиле плата.

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата. Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

„Бројките говорат дека генералната политика на државата е да се штеди на најсиромашните, наместо да им се даде поддршка. Постојните и новите приматели на социјална поддршка се под удар на засилените контроли и ограничувањата“, изјави неодамна Билјана Дуковска од МППС.

Разликите меѓу помалку и повеќе платените треба да се пеглаат со минималната плата. Таа на 1 јануари порасна за 490 денари со што достигна 10.080 денари. Текстилната и кожарската индустрија, кои се и најмалку платени сектори, ќе мораат да исплаќаат барем по 9.000 денари. За нив усогласувањето е одложено.

Просечната плата не е доволна за да се протурка месецот

Една просечна плата не е доволна за едно семејство да го протурка месецот. Според минималната синдикална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на просечно домаќинство во февруари му биле потребни 32.325 денари.

Најголем дел од овие пари 13.427 денари или 41.5% одат за храна и пијалаци. За трошоци за домување биле потребни 10.464 денари или 32.5%, за хигиена 2.254 денари или 7%, за превоз 2.340 денари или 7%, за облека и обувки 2.086 или 6.5%, за култура останувале 1.070 денари или 3.5%, а за здравство 684 денари или 2%.

Колкава е просечната и минималната плата кај соседите?

Според Евростат најниска минимална плата на Западниот Балкан има Косово, 130 евра. Во Албанија е 150 евра, во Србија е 174, во Црна Гора е 193, а во Босна 191 евро. Со последното покачување Македонија има минималец од 10.080 денари односно 163 евра. Ние бевме и една од последните земји во регионот и во Европа која со закон ја утврди висината на минималната плата, која треба да го штити стандардот на работниците, но и нивните права.

И во однос на просечната плата Македонија стои полошо од соседите. Кај нас таа е 22.315 денари односно 363 евра. Во Србија е 421, во Црна гора 477, во Хрватска 770 евра, а во Словенија 1.004 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП