Дали „Stellantis“ планира да воведе менувач со три брзини за електрични возила? Сè укажува на тоа. Компанијата штотуку доби патент за менувач со три брзини што би можел значително да ги подобри можностите за возење надвор од патот на електричните автомобили.
Овој систем на менувач нуди три режими: низок степен на пренос, висок степен на пренос и директен погон.
Според „Stellantis“, нискиот степен на пренос би бил идеален за услови на возење надвор од патот, како што се возење по непристапен терен, влечење од кал или отстранување пречки како трупци од дрвја.
Од друга страна, високиот степен на пренос би бил погоден за возење по асфалтен и песочен терен, како што се пустините.
Повеќето електрични автомобили денес користат менувачи со една брзина, кои не се во можност да обезбедат постојан висок вртежен момент во потешки услови на возење. Токму ова „Stellantis“ сака да го надмине со своето ново решение.
Според „Motor1.com“, овој менувач би можел да управува со вртежниот момент на двете оски, дополнително подобрувајќи ја влечната сила и целокупните перформанси на возилото во различни услови.