18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустрија за мебел – се нудат попусти, а се најавуваат поскапувања

Индустрија за мебел – се нудат попусти, а се најавуваат поскапувања

saem

Бројот на компании има тенденција на намалување, но производителите на мебел велат дека трендовите се нагорни. Иако на саемот кој се отвори вчера се нудат попусти и до 40%, салоните најавуваат можни поскапувања. Каде оди македонската индустрија за мебел?

Расте цената на сировините, можни се поскапувања на мебелот

Сировините кои се користат на светските берзи имаат тенденција на постојан раст последните неколку години, производителите велат дека засега успеваат да го издржат притисокот но не знаат до кога.

„Има тенденција на раст на цените на материјалите. Ги следиме сите промени на пазарот. И на европскиот и на светскиот. Засега тоа не е толку драстично за да влијае на цената на конечниот производ“, вели менаџер на српски салон за мебел кој е присутен и на македонскиот пазар.

„Тоа во принцип не зависи од нас. Зависи од нашите добавувачи на материјалите. Иако во претходниот период имаше дури и зголемување на цените на репроматеријалите ние не ги поскапивме производите, но заработката ни се намали. Сега за сега немаме информации за ново поскапување на репроматеријалите. Чекаме добавувачите да не известат. Најмногу работиме со увозни програми иако имаме и македонски. Цените се приближно исти за масивното дрво без разлика од каде доаѓа“, вели менаџер на салон за мебел од Гостивар кој што има и сопствени погони за производство.

Од салоните за мебел се надеваат дека кризата која имаше огромно негативно влијание врз нивниот сектор е зад нив и дека со завршувањето на зимата и стартот на новата сезона на опремување и реновирање на домовите и тие ќе продадат и ќе заработат повеќе.

„Го променивме асортиманот и повеќе нудиме поевтини а сепак квалитетни производи. Помалку се продаваат кожни гарнитури, повеќе од штоф. Имаме намалена заработувачка, но цените ги одржавме исти веќе подолг период“, вели сопственик на салон за мебел кој се бави само со увоз и трговија.

„Клиентите секогаш прават баланс помеѓу квалитетот и цената. Ние се трудиме да понудиме артикли кои ќе ги исполнат и едното и другото барање. Сепак, претежно се бараат поевтини производи. Таков ни е стандардот и ние се движиме во рамките на тие цени“ вели менаџер од друг салон кој исто така се бави само со увоз и трговија.

Дивите мајстори најголем проблем за легалните производители

Сивата економија односно нелојалната конкуренција е најголем проблем за производителите на мебел.

„После тоа нема никаква гаранција за производот и потрошувачите се изманипулирани и изневерени“, смета сопственик на погон и салон за мебел од Скопје.

„Ние гарантираме за квалитетот, плаќаме давачки и придонеси за вработените, плаќаме даноци за секој продаден производ, а оние кои работат на диво не плаќаат ништо. Нудат понизок квалитет и пониски цени и го уриваат пазарот. Мебелот произведен во фабрика не може да се спореди со оној произведен во некоја гаража, но стандардот си го прави своето и многумина се одлучуваат за поевтината варијанта иако често се случува и дивите мајстори да имаат солидни па дури и повисоки цени од масовното производство. Сепак, во јавноста преовладува мислењето дека тие се поевтини па затоа и земаат најголем дел од колачот“, вели менаџер во салон за мебел од Струмица кој што има и сопствени погони за производство.

Конкуренцијата е добра за бизнисот, но само доколку е легална. Проблем не е големиот број на погони за мебел туку уште поголемиот број на диви односно нерегистрирани мајстори.

„Има доста производители и доста салони за мебел во Македонија кои нудат широка палета на производи. Конкуренцијата е голема, но е добра за бизнисот. Ни дава мотив да произведуваме се поквалитетен и поквалитетен мебел, да воведуваме нови технологии за да бидеме поконкурентни на пазар… Цените што ги нудиме се прифатливи во однос на квалитетот што го нудиме“, вели менаџер на салон за мебел од Гостивар кој што има и сопствени погони за производство.

Најголем дел од репроматеријалите доаѓаат од увоз

Според податоците на Стопанската комора на Македонија (СКМ) во 2015-та извозот за мебел достигнал 24.448 тони и имал вредност од 131 милион долари додека увозот достигнал  15.351 тони во вредност од 49 милиони долари.

Во 2015-та извозот на спални соби имал зголемување од 24%, на тапацирана покуќнина од 8%, додека кај сите останати категории производи имало намалување.

Истовремено увозот на канцелариски мебел од метал пораснал за дури 112%, на канцелариски мебел од дрво за 6%, а на спални соби од 11%.

Најголем дел од репроматеријалите доаѓаат од увоз кој има и силна тенденција на раст. Лани биле увезени 158.912 тони дрво и производи од дрво во вредност од 24.4 милиони долари. Во истиот период извозот бил само 11.039 тони во вредност од 2.3 милиони долари.

Во Стопанската комора сметаат дека увозот и натаму ќе го истиснува домашниот производител од домашниот пазар особено по намалувањето на царинските давачки во согласност со договорот со Светската трговска организација (СТО).

„Императив се услови за обезбедување на повисок степен на конкурентност на домашните производи од оваа гранка, со дефинирање на мерки и активности за позитивна динамика. За потребите на развојот потребно е да се дефинираат програми, да се прилагодат пазарно и организациски“, велат во СКМ.

Мебелот кој се увезува во Македонија во најголем дел стигнува од Србија и Босна, помалку од Хрватска и Словенија, а поексклузивните парчиња доаѓаат од Италија.

Има и обратни примери – производствени погони кои пред се работат за странство, но тие се многу поретки.

„90% работиме за извоз. Најзастапени сме во Германија, но и на поранешните југословенски простори, на другите земји во опкружувањето. Имаме раст во Германија бидејќи на тој пазар сме докажани“, објаснува менаџерка на салон и погон за производство на мебел од Скопје.

Индустрија за мебел и за дрво – само 0.35% од БДП

Според ревидираните и конечни податоци на Државниот завод за статистика индустријата за преработка на дрво и производи од дрво во 2013-та имала вкупна вредност од 10 милиони и 211 илјади евра со што учествувала со 0.13% од вкупниот Бруто домашен производ (БДП). Производство на мебел во истата година имало вкупна вредност од 16 милиони и 764 илјади евра односно 0.22% од БДП.

Во 2014-та, пак, во Македонија имало 444 компании од секторот преработка на дрво и производи од дрво и 601 компанија за производство на мебел што е помалку за 2 односно за 24 регистрирани компании. Тенденција на намалување на бројот на фирми има и во 2012-та.

Растат платите, бројот на вработени стагнира

Според статистичките податоци лани бројот на вработени во секторот преработка на дрво и производи од дрво се намалил за 6.9% и бил околу 2.420, а бројот на вработени во делот производство на мебел се зголемил за 5.3% и бил околу 4.030.

Во индустријата за преработка на дрво и производи од дрво, просечната исплатена плата била во 2015-та била 13.486 денари и се зголемила за 3.7% во однос на 2014-та.

Кај производството на мебел нето месечните примања во просек биле 12.994 денари и останале непроменети во однос на претходната година.

Колку пари троши просечниот Македонец за нов мебел?

Според анализата од Државниот завод за статистика (ДЗС) „Промет во трговијата на мало“ годишно вкупно се трошат по околу 12 милиони или по 21 евро од семејство. За опремување на кујни одат по 2 милиона и 150 илјади евра, за спални и дневни соби, како и за трпезарии по 7 милиони и 700 илјади евра, а за друго останатите 2 милиони и 150 илјади евра. Дополнителни 1 милион и 900 илјади евра се трошат на светилки, лустери и столни ламби.

Од друга страна податоците на ДЗС во публикацијата „Просечна потрошувачка на домаќинствата“ покажуваат дека годишно семејствата трошат по 211 евра за поднова со мебел и покуќнина.

Различните бројки се резултат на официјалната и неофицијалната трговија. Помалата сума го зема предвид само прометот на мало во салоните за мебел, а поголемата е добиена со анкета и во неа влегуваат и нарачките преку дивите мајстори.

Отворен саемот за мебел – попусти и до 40% до крајот на неделава

Саемот Мебел 2016-та беше отворен вчера а ќе трае до недела. Во 11 хали 180 домашни и странски изложувачи нудат над 11.000 различни парчиња покуќнина, а дел од нив имаат и попусти кои достигнуваат и до 40%.

„Станува збор за една од најатрактивните манифестации кај нас и пошироко која во минатата година беше посетена од повеќе од 50.000 посетители кои и оваа година со нетрпение го очекуваа саемот поради своите оригинални декорирани изложбени простори во кои покрај мебел за домот го трасираат трендот за модерните кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, како и канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, мебел и додатоци за со љубов уредувани градини, како и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво“, изјави оперативниот директор на проект во Скопски саем, Магдалена Хамбова.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП