На Волстрит во четвртокот цените на акциите благо пораснаа, трет ден по ред, по претпазливото тргување бидејќи инвеститорите не сакаа премногу да ризикуваат пред извештајот за вработувањата во САД што обично значително влијае врз насоката на пазарите.
Индексот Dow Jones зајакна за 0,26 отсто, на 16.943 поени, додека индексот S&P 500 порасна за 0,35 отсто, на 1.993 поени, а Nasdaq индексот за 0,09 отсто, на 4.707 индексни поени.
Целиот четврток берзанските индекси балансираа на работ од позитивното и негативното подрачје, бидејќи немаше вести коишто значително би го поттикнале пазарот. Дури пред самиот крај на тргувањето индексите започнаа да се зацврстуваат во позитивното подрачје.
На вредноста во четвртокот добија акциите во осум од десетте сектори на S&P 500 индексот, а најмногу за 1,3 отсто порасна енергетскиот сектор, благодарејќи на стабилноста на цените на нафтата.
Токму остриот пад на цените на нафатат во јануари беше една од најважните причини, покрај забавувањето на растот на кинеската економија, за превирањата на пазарите на акциите на почетокот од годинава. Но откако во февруари потонаа на најниското ниво во последните 12 година, цените на нафтата пораснаа за 35 отсто.
Тоа го ублажи притисокот врз финансискиот сектор, кој беше во надолна насока, бидејќи вложувачите се исплашија од загубите на кредитите на банките во енергетскиот сектор. Во последните 14 дена финансискиот сектор порасна за 13 отсто, па сега во однос на почетокот на годината е во минус околу 7 проценти.
Позитивно на финансискиот сектор во моментов влијаат и шпекулациите дека американската централна банка, благодарејќи на јакнењето на стопанството и на инфлацијата, годинава може да ги зголеми клучните каматни стапки. До неодамна се шпекулираше дека Банката може да се откаже до зголемување на цената на парите поради забавувањето на глобалната и на американската економија. Но последните податоци покажуваат дека растот на економијата во САД забрзува по забавувањето во четвртиот минатогодишен квартал.
Поради тоа, инвеститорите со нетрпение го очекуваат извештајот за вработувањето во САД, кој ќе биде објавен во петокот и кои вообичаено значително влијае врз насоките на пазарите. Во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека во февруари бројот на новите работни места е зголемен за 190.000, а дека стапката на невработеноста останала непроменета на 4,9 отсто. Во јануари растот на вработеноста забави, па бројот на новите работни места беше зголемен за 151.000, но платите пораснаа повеќе отколку што се очекуваше, што укажува на силата на американскиот пазар на трудот.