25 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: Бермуди најголем инвеститор– од каде и како доаѓаат парите во Македонија?

Анализа: Бермуди најголем инвеститор– од каде и како доаѓаат парите во Македонија?

Business background. Financial data concept with diagram and money

Во 2015-та во Македонија влегле 23% помалку инвестиции во однос на 2014-та. Прв странски вложувач биле Бермуди со 181 милион евра, а кон Франција биле повлечени дури 164 милиони евра. Нето влезот односно разликата меѓу приливот и одливот била 157 милиони евра. Македонија е претпоследна во регионот, единствено зад Босна, во поглед на странските вложувања по глава на жител.

Во 2015-та странски инвестиции од 157 милиони евра

Според податоците на Народната Банка (НБРМ) во 2015-та во Македонија влегле странски инвестиции со вкупна вредност од 157 милиони евра што е помалку за 48 милиони евра или за 23.4% во однос на 2014-та.

Салдото во мај, септември и ноември било дури и негативно кога се одлеале 7 односно 21 и 24 милиони, а во октомври било најпозитивно кога пристигнале 53 милиони евра.

Според НБРМ лани најмногу пари во Македонија влегле од Бермуди (181.67 милиони евра), од Сент Винсент и Гренадини (49.45 милиони) и од Германија (32.46 милиони). Во истиот период најголемо одлевање имало кон Франција (-164.12 милиони евра), кон Обединетото Кралство (-45.42 милиони) и кон Унгарија (-31.18 милиони).

Гледано по години, на Македонија најдобро и одело во 2007-та кога влегле 506 милиони евра. Во 2008-та странските инвестиции достигнале 400 милиони. Но, по светската економска криза има нагло опаѓање – во 2009-та инвестициите биле само 145, во 2010-та 161, во 2011-та 344, во 2012-та 111 милиони, во 2013-та 252 милиони, во 2014-та 205 милиони.

Економските аналитичари сметаат дека има три причини за намалувањето на вредноста на инвестициите: политичката криза, бегалскиот бран, но и се поголемата конкуренција од соседните земји.

„Со оглед на сите напори што ги презема земјава, како што се роудшоуата, олеснувањата за странските компании, формирањето на слободните зони и слични мерки, фактот што се намалуваат странските инвестиции може да се должи на неколку причини. Првата е политичката криза, а секако и нејзиното одложување, што ги одвраќа странските инвеститори. Не треба да се занемарат ни факторите на нашето блиско опкружување, пред се бегалската криза, но и воопшто случувањата на Блискиот Исток кои не се така далеку од нас, и кои балканските држави ги прават неатрактивни во очите на инвеститорите од Запад. Влијание има и улогата на конкурентните економии од нашето соседство, како што се Србија, Албанија, Косово. Тие држави исто така преземаат активности за привлекување инвестиции, што значи дека не сме сами во таа конкурентска битка“, смета проф. д-р Сашо Арсов од државниот Економскиот факултет во Скопје.

Претпоследно место во регионот според инвестициите по глава на жител

Според податоците на Здружението на млади истражувачи и аналитичари (ЗМАИ) земјава е на претпоследното место во регионот според привлекувањето на странски инвестиции по глава на жител.

Во 2014-та во Босна тие биле 111 евра, во Македонија 124, во Бугарија 178, на Косово 202, во Србија 210, во Албанија 284, во Црна Гора 601, а во Хрватска дури 612 евра по глава на жител.

Сепак, голем дел од овие средства се резултат на приватизации на државни компании или на преземање на постоечки приватни фирми. Ако се споредуваат само гринфилд инвестициите односно вложувањата во сосема нови погони Македонија и не стои така лошо. Во 2014-та во Албанија имало 6 гринфилд инвеститори, во Црна Гора 7, во Босна 21, во Хрватска 31, во Македонија 32, во Бугарија 52 и во Србија 81.

Во последните пет години владиниот тим на 58 роудшоуа

Во последните пет години според анализите на ЗМАИ владиниот економски тим направил 58 т. н. роудшоуа односно економски презентации често и во неколку соседни држави последователно за можностите за инвестирање во Македонија. Во 2011-та имало 8 организирани патувања, во 2012-та 19, во 2013-та 16, во 2014-та 10 и во 2015-та само 5.

Најчеста дестинација биле Соединетите Држави со 12 посети, потоа Германија со 4, Франција, Обединетото Кралство, Индија, Холандија и Кина со по 3, Италија, Данска, Турција, Естонија, Јапонија, Австрија, Аргентина, Бразил, Русија, Белгија и Канада со по 2 и Азербејџан, Јужна Кореја, Израел, Мексико, Литванија, хрватска, Украина, Катар, Шведска, Норвешка, Финска, Малезија, Италија, Франција и Сингапур со по 1 посета.

Анализата покажува дека посетите имаат најзначајно влијание еден квартал подоцна (20% од нив имале ефект врз движењето на нивото на инвестициите и трговскиот биланс на Македонија со истражуваните земји.

Истражувањето уште покажува и дека секоја дополнителна посета во просек и носи на земјава 3.25 милиони евра инвестиции.

Кои поволности ги добиваат странските инвеститори?

Поволноститеза странските инвеститори кои ќе решат да вложат во Слободните економски зони се групираат во четири групи: даночни ослободувања, царински ослободувања,  инфраструктурна логистика и субвенции.

Парцелата се дава под концесија до 99 години. Инвеститорите се ослободени од плаќање за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Во исто време тие не плаќаат приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа. Во зависност од бројот на вработени и вредноста на инвестицијата, Владата  учествува и во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ  во висина до 500 000 евра.

Инвеститорите што ќе отворат фабрика во некоја од Технолошко-индустриските развојни зони целосно се ослободени од Данокот на додадена вредност, односно стапката изнесува 0%. Во период од 10 години тие се ослободени и од данок на добивка и персоналец.

Сите инвеститори во слободните зони се дел од Царинскиот зелен канал – не плаќаат царини за увоз на суровини и за опрема.

Светска банка: нискиот данок на добивка не влијае на инвеститорите

Светска банка во последниот извештај за Македонија потенцира дека Владата е фокусирана на зголемување на растот преку зголемување на конкурентноста и привлекување странски инвестиции. Но намалувањето на данокот на добивка на 10 проценти не било толку привлечно за странските компании.

„Инвестициските приливи во регионот зависат повеќе од општата деловна клима (физичката и социјалната инфраструктура, здравата и квалификувана работна сила и соработката на владата со СДИ). Исто така, намалувањето на стапката во земјата – домаќин, на пример Република Македонија не оди во прилог на компанијата која инвестира, која за да се избегне двојно оданочување, обично добива даночно одбивање во матичната земја, обично развиена, за даноци платени во земјата – домаќин. Албанија и Србија ги зголемија нивните даночни стапки на данокот на добивка до 15 проценти во 2014. Всушност, само Бугарија и Црна Гора имаат пониска стапка на данокот на добивка во регионот. Просекот на ЕУ е 21 процент”, стои во извештајот.

Едно работно место во слободните зони чини 21.000 евра

Едно работно место во слободните зони значи 21.000 евра помалку пари во државниот буџет. Ова е заклучокот на Центарот за економски анализи кои направил пресметка за нето користа од странските инвеститори во периодот од 2007-та до 2014-та. До бројките дошле така што трошокот за директна и индиректна помош кој достигнал 56 милиони евра го поделиле со бројот на отворени работни места кој што во седумте компании кои функционираат таму е нешто над 3.000.

„Ако ги пренесеме тие трошоци на ниво на генерирани нови вработувања во овие компании, излегува дека едно ново вработување не чини 21.000 евра. Сепак, во периодот од 2007-та до 2014-та нето економските бенефити се позитивни за три од седум компании и изнесуваат околу 124 милиони евра. Позитивните ефекти од странските инвестиции се одложени, ги очекуваме во подоцнежните години“ вели Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи.

Истражувањата покажале дека државната помош варира во зависност од висината на инвестицијата, но се движи помеѓу 7 до 47 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.

Сепак, инвеститорите имаат повеќе позитивен отколку негативен ефект, сметаат истражувачите според кои речиси сите држави на еден или на друг начин се обидуваат да ги привлечат големите компании кај себе.

„Забележана е и дури фрапантна цена од 800.000 евра што ги платила една држава за едно ново отворено работно место од страна на една германска компанија“, вели Ристо Карајков од невладината DevelopmentSolutions.

Странските инвеститори даваат помали плати од домашните компании

Платата во слободните зони во просек е помала за речиси 100 евра во однос на примањата надвор од нив. Ова може да се заклучи од споредбената анализа на податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) и на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Според ДЗС просечната плата во Македонија во декември 2015-та била 22.715 денари, а во преработувачката индустрија која преовладува во зоните била 17.555 денари. Од друга страна според СКМ просечниот месечен личен доход кај странските инвеститори е 16.143 денари ако се изземат примањата на менаџерите и раководителите.

„Оваа плата не може да се споредува со просечната плата на државно ниво туку со истите индустрии во и надвор од зоните. Тоа значи дека ако се направи споредба со индустриските сектори кои се вклучени во слободните зони, а тука влегуваат автомобилската индустрија, производство на компјутерски и електронски делови, хидраулични и гумени производи, може да се каже дека отстапувањето на платите во слободните економски зони е минимално во однос на просечната исплатена бруто плата на територија на Македонија“, изјави Марјан Стојановски од Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Во Центарот за економски анализи, пак, сметаат дека ниските плати се во колизија со високите технологии кои ги носат инвеститорите.

„Ниските плати кои во просек се под националниот просек се во судир со политиките кои декларираат дека привлекуваме високи технологии“, вели Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи.

Домашните компании се чувствуваат дискриминирани

Менаџерите на домашните компании во најголем дел се чувствуваат дискриминирани во однос на инвеститори, но сепак ја поддржуваат политиката за привлекување странски корпорации. Ова го покажува истражувањето на граѓанското здружение DevelopmentSolutions кое спровело анкета кај 268 раководители на фирми. Од нив 70% целосно или делумно се согласуваат со тезата „домашните компании се дискриминирани во однос на странските инвеститори“.

„Дополнителен аргумент е дека на домашните инвеститори се посветува недоволно внимание, во смисла на тоа дека не може да добијат помош дури и во решавањето на некои основни проблеми од секојдневното работење, а камоли да добијат такви дарежливи повластици како што добиваат странците“, изјави Ристо Карајков, DevelopmentSolutions.

Надлежните не се согласуваат со ова – законот не правел никаква разлика меѓу домашните и странските компании, а доказ за тоа биле и првите две македонски фирми, Хајтек и ТТ Пласт, кои потпишаа договори за влегување во слободните зони.

„Тие се и првите кои официјално побараа влез во зоните и изготвија бизнис план кој што ги исполнува условите. Тие се доказ дека поволностите кои се нудат во ТИРЗ за странските компании односно за компаниите кои се основани со странски капитал се во целост исти и за домашните компании. Со нив полемиката дека македонските компании не можат да влезат во зоните се демантира. Сите без разлика од потеклото на капиталот се домашно регистрирани за да ги добијат овие поволности. И Џонсон Контролс и Џонсон Мети се пред се домашно регистрирани компании и како такви аплицираат за сите тие поволности“, вели директорот на Дирекцијата за технолошко – развојни индустриски зони (ДТРИЗ), Виктор Мизо.

Граѓаните со поделени мислења за политиката за привлекување инвеститори

Анкетата што ја спровело ЗМАИ покажува дека 56% од граѓаните сметаат дека ефектот од странските инвестиции е позитивен, 21% сметаат дека е негативен, 15% дека е неутрален, а останатите 8% немале став.

Албанците имаат попозитивно мислење за инвеститорите од Македонците. Ова го покажуваат резултатите ако се земе предвид етничката припадност. Дека ефектите се позитивни сметаат 67.1% од етничките Албанци и 53.3% од етничките Македонци.

45% од македонските граѓани сметаат дека поволностите и субвенциите што ги нуди Владата се оправдани, 40% дека не се оправдани и 15% немаат став.

Овде според етничката припадност мислењата се сосема спротивставени. Позитивно се изјасниле 48.1% од Македонците и само 7.1% од Албанците.

33% од анкетираните сметаат дека придобивките се поголеми од трошоците за привлекување нови компании, а 36% дека се помали односно неоправдани.

Од друга страна дури 75% сметаат дека треба да се отвораат нови индустриски зони, 15% дека не треба, а 10% се изјасниле дека не знаат.

И во однос на владините промоции и роудшоуа мислењата се поделени. 29.5% од испитаниците сметаат дека тие имаат голем ефект во привлекувањето нови компании, 26.9% среден, 31.4% мал и 12.2% немаат став.

85% од анектираните сметаат дека домашните компании треба да ги добиваат истите поволности како и странските инвеститори, 10% дека не треба, а 5% се изјасниле дека не знаат.

Во однос на платите кај странските инвеститори, 61% од граѓаните сметаат дека тие не се добри, 26% дека се добри, а 13% се определиле за опцијата „не знам“.

Анкетата била спроведена во август лани на репрезентативен примерок од 1.118 испитаници.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП