18 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи остро паднаа, доларот слабее, нафтата незначително поскапе

Азиските берзи остро паднаа, доларот слабее, нафтата незначително поскапе

berzi 33

На азиските берзи цените на акциите во вторникот остро паднаа, бидејќи вложувачите се загрижени од профитабилноста на банкарскиот сектор и слабоста на глобалната економија, па засолниште за својот капитал најдоа во посигурните инвестиции.

На Токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување во вторникот беше во минус повеќе од 5 отсто, додека во Австралија цените на акциите паднаа за повеќе од 2 отсто. Поради кинеската лунарна нова година, на многу азиски берзи во вторникот не се работи, додека MSCI индексот на азиско пацифичките акции, без јапонските, беше во минус од 1 отсто.

Азиските берзи ги вознемири понеделничкиот повторен пад на цените на акциите на њујоршки Волстрит за повеќе од 1 отсто, при што најмногу потонаа цените на акциите на банките. Притисокот на банките започна на европските берзи, бидејќи инвеститорите ги загрижува нивната профитабилност, имајќи ги предвид рекордно ниските камати кои вршат притисок врз маржите, додека, од друга страна, слабее глобалната економија.

Индексот FTSEurofirst на 300-те водечки европски акции во понеделникот падна за 3,4 отсто, на најниското ниво од крајот на 2013 година, при што цените на акциите во банкарскиот сектор потонаа за 6 отсто. Трошоците на осигурувањето на банкарските долгови од можен банкрот достигнаа највисоко ниво од крајот на 2013 година, при што трошоците на задолжувањата во Шпанија, Португалија и Италија силно пораснаа, бидејќи вложувачите барат поголема премија за ризикот.

„Факторот на стравот прерасна во загриженост во врска со забавувањето на растот на пазарите во развој и падот на цените на нафтата во страв од слабеење на развиените економии и способноста на централните банки повторно да го поттикнат растот на цените на имотите“, наведуваат аналитичарите на „Citi“ во белешката за клиентите.

Неодамна јапонската централна банка Bank of Japan (BoJ) воведе негативни каматни стапки за да го поттикне растот на економијата и инфлацијата, додека Европската централна банка (ECB) најави можност од дополнително олабавување на монетарната политика. Меѓутоа, тоа не ги поддржа пазарите на парите, како и уверувањата на вложувачите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) нема наскоро да продолжи со зголемувањето на каматите, имајќи го предвид забавувањето на растот на економијата во САД.

Остриот пад на јапонскиот индекс Nikkei е последица, исто така, на острото јакнење на јенот во однос на американскиот долар, поради што се под притисок акциите на јапонските извозници, бидејќи поради тоа се намалува конкурентноста на нивните производи на странските пазари.

Поради остриот пад на цените на акциите, вложувачите бараат засолниште за капиталот во инвестициите кои се сметаат за сигурни во несигурните времиња Така, на пример, приносите на долгорочните јапонски обврзници во вторникот претпладнето, првпат во историјата, паднаа на нулата, додека цената на златото достигна 1,200 долари за унца, што е највисокото ниво до ланскиот јуни. А на валутните пазари, пак, зајакнаа валутите кои се сметаат за сигурни засолништа, како што се швајцарскиот франк и јапонскиот јен.

Курсот на доларот кон јапонската валута потона во вторникот претпладнето на 114,65 јени, најниското ниво од ноември 2014 година, додека во понеделникот во истиот период од тргувањето изнесуваше 117,40 јени. Пред само една седмица, пак, се движеше над 121 јен. Доларот падна и во однос на европската валута, па еврото досигна 1,1205 долари, додека во понеделникот во истиот период изнесуваше 1,1135 долари.

А благодарејќи на слабеењето на доларот, во вторникот во претпладневното тргување, помалку пораснаа и цените на нафатат. На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 37 центи, на 33,25 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 51 цент, на 30,19 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП