Денес во Младинскиот културен центар, од 21 часот, свое прво претставување во Скопје ќе има српскиот бенд Чистилиште.
Ова трио од Белград е релативно ново име на динамичната српска сцена која гравитира околу културниот центар БИГЗ. Нивниот звук претставува експлозивна комбинација на мрачен noise и art punk со два вокали со голем емотивен набој и бескомпромисен став, силна енергија и голема прифатливост на песните зад кои се крие масивен звук кој го раздвижува телото. Чистилиште го сочинуваат Ивана Пауновиќ (гитара, вокал) Немања Булатовиќ (бас) и Трајче Николовски (тапани, вокал).
Неодамна го снимија својот деби албум кој треба да излезе оваа година.
Како локална поддршка ќе настапи младото инструментално трио Red Sails Billow, кое живее и работи на релација Скопје – Битола. Марко Галевски (бас), Александар Томевски (гитара) и Бојан Станиќ (тапани), тројцата со различни музички влијанија (класика, метал и сурф), создадоа жанровски-мутиран инструментален звук – микс од пост-рок, мет-рок, метал и еден куп други влијанија.