19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски иновации – кои се успешните примери, како да се поттикнат уште?

Македонски иновации – кои се успешните примери, како да се поттикнат уште?

ino

Со државна поддршка до успешен бизнис, од идеја до реализација. Првите компании формирани преку Фондот за иновации веќе функционираат.

Една од нив е ХАС Инженеринг, формирана од тројца млади електроинженери кои ги напуштиле претходните работни позиции и основале своја фирма за индустриска информатика и за безбедносни системи. Со основачки влог од 5 илјади евра и со грант од 25 илјади евра од Фондот развиваат системи за домашна автоматизација, односно за управување со греењето и ладењето преку апликација на мобилен телефон или на компјутер.

„Средствата ги добивме за развој на електронски склопови за управување на светло, бојлер, климатизација, управување и следење на алармен систем, системи за детекција и дојава на пожар и развој на апликативен софтвер за следење на сите тие контролори и нивно управување… Почетната идеја на системот беше тој да се вградува во домови, но не се ограничуваме, истиот може да се имплементира и во деловни објекти. Веќе имаме договор за првиот систем кој ќе биде поставен во една филија на банка“ објаснува Ване Митев, управител на ХАС Инженеринг.

Документацијата за аплицирање е преобемна, но и не е тешка за пополнување велат новопечените иноватори и бизнисмени. Засега се задоволни од работата, а планираат и проширување на дејноста.

„На почетокот бевме скептични дека можеме да успееме со нашата идеја, но после првиот круг кога ни јавија дека сме влезени во втор круг за избор, сфативме дека нашиот проект навистина има нешто иновативно. Кога не посети екипата на Фондот, нивните реакции беа позитивни и добивме чувство дека може да ни биде одобрен проектот… Во моментов сме пет вработени, имаме план за 3-4 месеци да вработиме уште двајца и да се шириме уште повеќе“ вели Митев.

Уште еден успешен пример е компанијата „ДТК Смарт – тек“ која ја формираа група професори од електротехничкиот факултет. За иновацијата добиле 26,5 илјади евра поддршка од Фондот. Тие развиле систем за енергетска ефикасност преку кој големите индустриски капацитети ќе ги намалат трошоците за струја. Уредот, кој се уште нема утврдена цена, помага да се лоцираат проблемите кои предизвикуваат зголемена потрошувачка. Веќе е инсталиран на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Надвор од земјава постојат слични производи, признаваат иноваторите, но велат дека нивниот користи нови методи.

„Преку анализа на сите тие измерени параметри се идентификува проблем кој е најголем причинител на зголемена фактура, врвната ангажирана моќност. Нашите уреди може да им помогнат на индустриските компании да се зголеми нивната енергетска ефикасност и да се намали крајната цена на испорачаната електрична енергија. Без помошта на Фондот за иновации овој уред досега не би постоел затоа што финансиските средства кои ги добивме беа од голема помош. Имавме можност да вработиме лица, да купиме некои технички уреди неопходни за изработката на овој уред“, објаснува Живко Ковански, основач на и управител на компанијата ДТК Смарт-тек ДОО.

На првиот повик пристигнале 78 апликации, 34 влегле во потесниот избор, а биле одобрени 16 кои добија вкупна поддршка од 460.000 евра, објаснува директорката на Фондот за иновации. Според Јасмина Поповска степенот на иновативност се оценувал според повеќе критериуми – дали иновацијата резултира со производ, со процес или со услуга што се подобри од алтернативните решенија на пазарот, дали и како иновацијата решава некој проблем или задоволува некоја потреба, дали проектот содржи јасна позиција и потенцијал за интелектуална сопственост, односно дали се регулирани постојните права од интелектуална сопственост и дали има јасна стратегија за заштита на интелектуална сопственост.

„За старт ап претпријатија доделуваме најмногу 30.000 евра и до 85% од вкупниот буџет, за комерцијализација на иновации до 100.000 евра и до 70% од буџетот, а за трансфер на технологии до 200.000 евра и до 50% од буџетот на проектот. Фондот го дели ризикот со претпријатијата, што значи доколку не успеат средствата се неповратни, но го делиме и успехот со нив, така што доколку иновацијата се продава плаќаат ројалти кон нас до 5% од годишните приходи кои не може да бидат поголеми од 120% од износот кој сме го доделиле. На тој начин се овозможува да се финансираат повеќе проекти и претпријатија“ вели директорката на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска.

На вториот повик кој заврши минатиот месец треба да се доделат вкупно 1.3 милиони евра. Пристигнале 92 апликации, од нив 53 за старт ап и спин оф компании, 30 за комерцијализација на иновации и 9 за трансфер на технологии. Резултатите треба да бидат објавени до крајот на годината.

Освен македонскиот, државен Фонд, во земјава може да се добие поддршка и од регионалниот, заеднички Фонд за иновации кои беше формиран пред еден месец со поддршка на Европската Унија. Располага со 40 милиони евра и е активен во Македонија, Албанија, Косово, Србија, Хрватска, Босна и Црна Гора, а има канцеларии во Скопје, Загреб и Белград.

„Сакаме да инвестираме тука, во Македонија, зашто наидовме на многу таленти и иновации кои може да се развијат во голема конкурентност. Сакаме да ги слушнеме идеите и предлозите на компаниите, тие во секое време може да дојдат кај нас, но за поголема нивна информираност и ние постојано ќе организираме соодветни средби“, објасни при промоцијата на Фондот Татјана Забасу, раководител на регионалната канцеларија во Скопје.

Во Глобалниот индекс на иновации Македонија е на 60-то место од 143 рангирани држави. Во регионот пред нас се Словенија на 28-то место, Хрватска на 43-то и Црна Гора на 59-то место. Зад нас е Србија на 67-то и Босна на 81-то место. Најиновативна држава е Швајцарија, а веднаш зад неа се Обединетото Кралство и Шведска.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП