4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕЛЕМ: Увозот нема да ја покачи цената на струјата

ЕЛЕМ: Увозот нема да ја покачи цената на струјата

elem

Снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата и помалите компании на регулираниот пазар за електрична енергија се одвива континуирано и во согласност со потребите, информираат од ЕЛЕМ.

„Во изминатите 24 часа кога е регистриран и преку 30 отсто поголем конзум во однос на вообичаениот за овој период, целосно е одговорено на потребите на потрошувачите со оптимизација на домашните производни капацитети, и преку набавка на електрична енергија. За потрошувачите на регулираниот пазар се испорачани 21,459 MWh од кои 17,859 MWh или 83 % се обезбедени од домашните електроенергетски капацитети на АД ЕЛЕМ, а 3.600 MWh , односно 17 % се набавени од увоз. За првите 11 дена од годинава, домашното производство е натфрлено за 8,39 % во однос на планираното во енергетскиот биланс“, се вели во соопштението од компанијата.

Понатаму се додава дека сите расположливи капацитети за производство на електрична на АД ЕЛЕМ се ставени во погон и испорачуваат во согласност со потребите на тарифните потрошувачи.

„За денеска не е предвидена дополнителна набавка на електрична енергија и целосните потреби на потрошувачите на регулираниот пазар се обезбедени преку производство од домашните електроенергетски капацитети. Потрошувачката на електрична енергија постојано се следи и производството од домашните капацитети се адаптира во согласност со потребите на регулираниот пазар“, велат од ЕЛЕМ.

„Со оглед на најавите од АД ЕВН дека и претстојните денови се очекува и до 30 проценти поголема потрошувачка во однос на вообичаената за тој период, согласно распишаниот јавен оглас на АД ЕЛЕМ од 10 јануари за периодот од 14 до 22 јануари, во текот на вчерашниот ден е извршена набавка на вкупно 22, 824 MWh по просечна цена од 79,38 евра за мегаватчас. Оваа цена е постигната при редовна постапка со негативна аукција“, се додава во соопштението.

АД ЕЛЕМ нагласува дека набавката на електрична енергија што се врши во овој период во услови на рекордна потрошувачка и екстремно ниски температури од кои е зафатен поголемиот дел од земјите во Европа, нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и за малото стопанство кои се на регулираниот пазар за електрична енергија. Средствата за таа намена компанијата во целост ги обезбеди од сопственото работење.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП