6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадот Скопје ќе субвенционира печки на пелети

Градот Скопје ќе субвенционира печки на пелети

ce-inseamna-peleti-66

Седумдесет отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари, ќе субвенционира Град Скопје, доколку жителите се одлучат сегашното затоплување на домовите да го замени со еколошкото на пелети.

Како што појасни градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во пресрет на претстојната зима и почетокот на сезоната на затоплување на домовите, му предложил на Советот на Град Скопје на седницата во четврток да донесе Програма за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2016 година.

„Поточно, предложив Градот Скопје да им излезе во пресрет на граѓаните и да субвенционира купување на печки на пелети, односно, да надомести дел од трошоците направени при купување на печка на пелети за затоплување на домовите. Со оваа мерка, Градот Скопје ќе надомести 70 отсто од вредноста на печката, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката не ги опфаќа домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење“, рече Трајановски.

Право на учество на јавниот повик што ќе го објави Градот Скопје ќе имаат жителите на Град Скопје, кои ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор.

Заинтересираните граѓани ќе треба да ги достават барање и изјава, доказ за жителство, фотокопија од лична карта, доказ во оригинал дека е извршено купување на печка на пелети, и тоа со фискална сметка или фактура со извод од деловна банка по денот на објавување на повикот.

Едно лице ќе може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок. Купувачот на печка на пелети своето барање за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 09:30 до 15 часот. На пликот треба да стои: Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2016 година, како и името и презимето и адресата на барателот.
Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, се до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 5.890.000 денари, но не подоцна од 30.11.2016 година, т.е. јавниот повик ќе биде објавен во текот на наредната недела, после објавување на советот во Службен Весник на Република Македонија, а ќе трае до 30.11.2016 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП