Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата одлучи да ja прекине работата на Ал Џезира во Израел додека трае војната во Газа, тврдејќи дека катарскиот медиум ја загрозува националната безбедност.
„Поттикнувачкиот канал Ал Џезира ќе биде затворен во Израел“, напиша Нетанјаху на социјалните мрежи по едногласната одлука на владата. Владата објави дека израелскиот министер за комуникации ја потпишал одлуката да „дејствува веднаш“, но некои набљудувачи веруваат дека Ал Џезира сепак може да се обиде да го блокира на суд.
Шефот на Ал Џезира во Израел и палестинските територии, израелската одлука ја нарече „опасна“ и мотивирана од политички и професионални причини. Правниот тим на Ал Џезира подготвува одговор, изјави Валид Омари за Ројтерс.
Ал Џезира е финансиран од катарската влада, а тoj медиум е многу критички настроен кон израелската воена операција во Газа, од која секојдневно известуваше. Минатиот месец, израелскиот парламент го ратификуваше законот со кој се дозволува привремено суспендирање на странските медиуми кои се сметаат за закана за националната безбедност.
Одлуката ги загрижи и САД, најголемиот сојузник на Израел. „Ако е вистина, потегот е вознемирувачки“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
Ал Џезира претходно ги отфрли обвинувањата дека е закана за националната безбедност на Израел, тврдејќи дека тоа е обид да се замолчи. Законот дозволува владата да ја прекине работата на медиумите на 45 дена, а тој рок може да се продолжи.