ЗДРАВЈЕ

Стоматолог предупредува: Никогаш не ги игнорирајте испуканите агли на усните во зима

Болните пукнатини во аглите на усните често се појавуваат во постудените месеци, но доколку постојано се враќаат или долго не зараснуваат, не треба да се занемаруваат. Иако студот, сувиот воздух и честото лижење на усните се меѓу најчестите причини, понекогаш тие можат да укажуваат и на недостаток на одредени витамини или минерали, но и на инфекција.

Стоматологот д-р Нилеш Пармар објаснува што може да го предизвика овој проблем и кога е време за лекарски преглед, пишува „Mirror“.

Д-р Пармар, клинички директор на стоматолошката групација „Parmar Dental“ во Есекс, истакнува дека испуканите агли на усните се честа појава, особено во студено и суво време. Во повеќето случаи причината не е сериозна, но раничките што постојано се повторуваат може да бараат дополнителни испитувања.

„Испуканите агли на усните се проблем со кој редовно се среќаваме, особено во студено и суво време. Причината најчесто е безопасна, како насобирање плунка или лижење на усните. Меѓутоа, ако раничките постојано се враќаат или не зараснуваат, тоа понекогаш може да биде знак за недостаток на хранливи материи, на пример железо или одредени витамини од групата Б. Во таков случај матичниот лекар може да ве упати на крвни анализи“, изјавил тој.

Што предизвикува пукање на аглите на усните?

Стручниот назив за оваа состојба е агуларен хеилитис, односно воспаление на аглите на усните. Според дерматолошкиот портал „DermNet“, може да се појави и кај деца и кај возрасни, а најчесто се манифестира со болни пукнатини, црвенило, красти, а понекогаш и крвавење.

Болката обично се засилува при отворање на устата, на пример за време на јадење или зборување. Промените може да се појават на едната или на двете страни на усните, а времетраењето зависи од причината и успешноста на лекувањето.

Студот и лижењето на усните

Студениот воздух, ветерот и ниската влажност можат да ја исушат чувствителната кожа околу устата. Проблемот дополнително се влошува со честото лижење на усните, бидејќи плунката ја надразнува кожата и придонесува за нејзино сушење.

„Можеби изгледа дека лижењето на усните помага, но всушност само го влошува проблемот бидејќи плунката ја надразнува чувствителната кожа во аглите на устата“, вели д-р Пармар.

Во поблагите случаи може да помогне редовното нанесување заштитен балсам или вазелин, кои создаваат заштитен слој и ја намалуваат иритацијата.

„Обичен балсам за усни или вазелин, доколку редовно се нанесуваат, често се доволни за кожата да зарасне“, додава стоматологот.

Пукнатините може да ги предизвикаат и габички

Кога кожата во аглите на усните ќе напукне и ќе остане влажна, се создаваат услови погодни за развој на микроорганизми. Меѓу најчестите причинители на инфекција се габичката „Candida albicans“ и бактеријата „Staphylococcus aureus“.

„Candida“ може да предизвика и орална кандидијаза, односно габична инфекција на усната празнина. Ваквите инфекции се почести кај луѓето кои подолго време земаат антибиотици, користат инхалатори за астма, носат забни протези или имаат хронични заболувања како дијабетес.

Проблемот може да го предизвикаат и забните протези

Испуканите агли на усните се почести и кај луѓето кои имаат изразени набори околу устата, особено ако носат несоодветни забни протези. Во таквите набори може да се задржува плунка, што придонесува за иритација и развој на воспаление.

„Истрошените или разлабавените протези може да доведат до посилно затворање на вилицата од нормалното, со што се продлабочуваат наборите во аглите на устата и се овозможува насобирање плунка“, објаснува д-р Пармар.

„Ако тоа е причината, пукнатините ќе се повторуваат сè додека протезата не се поправи“, додава тој.

Недостаток на железо и витамини од групата Б

Пукнатините во аглите на усните што постојано се повторуваат понекогаш може да бидат поврзани со недостаток на одредени хранливи материи. Меѓу можните причини се недостаток на железо, рибофлавин (витамин Б2), витамин Б12, фолна киселина и цинк.

Според порталот „DermNet“, ризикот може да биде поврзан и со целијачна болест. Самите пукнатини во аглите на усните не се доволен показател за недостаток на витамини или анемија, но доколку постојано се повторуваат и не реагираат на вообичаената нега, лекарот може да препорача крвни анализи.

Анемијата почесто се манифестира со замор, недостиг на воздух, забрзано чукање на срцето и бледа кожа.

Како се лекуваат испуканите агли на усните?

Лекувањето зависи од причината. Ако проблемот е последица на сувост и насобирање плунка, често помага редовното нанесување вазелин или заштитен балсам, како и избегнувањето лижење на усните.

Ако станува збор за габична или бактериска инфекција, лекарот може да препорача соодветна терапија, на пример антигабична крема или антибиотик за локална употреба.

„Ако пукнатините се влажни, се создаваат красти или се шират, обратете се кај фармацевт, стоматолог или лекар. Можеби ви е потребна крема против инфекција, а не само обичен балсам“, советува д-р Пармар.

Тој додава дека е важно да се проверат можните интеракции со лекови пред да се започне со терапија.

„Ако редовно земате лекови, особено варфарин, консултирајте се со фармацевт пред употреба на миконазол, бидејќи тој може да влијае врз дејството на одредени лекови“, предупредува стоматологот.

Кога треба да се обратите кај лекар?

Доколку пукнатините траат долго, често се повторуваат или се влошуваат и покрај негата, се препорачува лекарски преглед. Особено е важно да побарате помош ако усните се многу болни, отечени или топли на допир, бидејќи тоа може да укажува на инфекција.

На стоматолог треба да му се обратат и луѓето чии протези не им одговараат добро, се поместуваат или предизвикуваат болка. Доколку постои сомнеж за недостаток на железо или витамини, лекарот може да препорача дополнителни испитувања за да се утврди причината за проблемот.