Научници од Бостонскиот универзитет и здравствениот систем „Banner Health“ откриле биолошки показател во крвта што би можел да помогне во откривањето на хроничната трауматска енцефалопатија, позната како „CTE“ – прогресивна болест на мозокот поврзана со повторувани удари во главата.
Истражувањето, објавено на 19-ти ноември во медицинското списание „JAMA“, отвора можност за развој на крвен тест што во иднина би помогнал болеста да се препознае додека пациентот е жив.
„CTE“ е невродегенеративно заболување кое најчесто се поврзува со спортисти изложени на повторувани удари во главата, особено во контактни спортови како американскиот фудбал. Болеста може да предизвика промени во однесувањето, проблеми со меморијата и нарушувања на когнитивните функции.
Досега, точната потврда на „CTE“ била можна само по смртта, преку директно испитување на мозочното ткиво. Токму затоа откривањето биолошки показател во крвта се смета за значаен чекор во истражувањето на болеста.
Во студијата биле анализирани примероци од крв на 21 поранешен американски фудбалер. Крвта била земена додека учесниците биле живи, а по нивната смрт тие ги донирале мозоците за научно испитување.
Истражувачите откриле дека нивото на протеинот eMTBR-tau било значително повисоко кај учесниците со понапредна форма на „CTE“. Кај оние со рана или без утврдена болест, показателот не бил зголемен на ист начин.
Највисоки вредности биле забележани кај учесници кај кои истовремено биле присутни „CTE“ и Алцхајмерова болест.
Научниците, сепак, предупредуваат дека резултатите се прелиминарни. Истражувањето опфатило мал број испитаници, а потребни се многу поголеми студии за да се утврди колку точно и сигурно тестот може да ја открива болеста кај живи пациенти.
Засега, тестот не претставува готова дијагностичка метода што може рутински да се користи во болниците. Истражувачите сметаат дека доколку резултатите бидат потврдени, тоа би можело да овозможи порано препознавање на болеста, подобро следење на пациентите и развој на клинички испитувања за идни терапии.