Туширањето за повеќето луѓе е секојдневна навика за која ретко размислуваат. Но, дали е важно по кој редослед ги миеме косата, лицето и телото? Се покажува дека дури ни стручњаците кои се занимаваат со оваа тема немаат ист став.
Додека едни препорачуваат миење од главата кон стапалата, други сметаат дека косата треба да се измие последна, пишува „Daily Mail“.
Прво косата, па остатокот од телото
Микробиологот Примроуз Фристоун од Универзитетот во Лестер смета дека туширањето е најдобро да се започне со миење на косата. Таа препорачува најпрво косата да се измие со шампон и да се нанесе регенератор, а потоа да се продолжи со миење на остатокот од телото, од главата кон стапалата.
По косата треба да се измие лицето, а потоа рацете, рамената и грбот. Деловите од телото под половината треба да се остават за крај.
Фристоун ја истакнува и важноста на редовната хигиена. Според неа, за повеќето луѓе е доволно туширање секој втор ден, но оние што сакаат можат темелно да се мијат и секојдневно.
Таа вели дека и самата се придржува до строги хигиенски правила. Во нејзиниот дом секој пешкир се користи само еднаш, по што се пере на температура од 60 степени. Простирките за бања се перат најмалку еднаш неделно, а главата на тушот редовно се чисти.
Особено предупредува на микроорганизмите што можат да се насоберат во главата на тушот, меѓу кои може да има и бактерии од родот „Legionella“, кои можат да предизвикаат легионерска болест.
Или, сепак, сосема обратно?
Со нејзините препораки не се согласува Мати Рајпут, клинички директор на клиниката „KSL“. Тој смета дека туширањето треба да започне со миење на телото, потоа да се измие лицето, а косата да се остави за самиот крај.
Како причина ги наведува остатоците од шампонот и регенераторот што можат да останат на кожата и скалпот. Објаснува дека таквите остатоци можат да придонесат за затнување на порите и отворите на фоликулите на влакната.
Рајпут предупредува и на навиката да се нанесува регенератор на косата додека се мие остатокот од телото. Според него, остатоците од регенераторот можат да се насоберат на скалпот, што би можело негативно да влијае врз растот на косата и да придонесе за нејзино проретчување.
Дали, тогаш, постои правилен редослед?
Иако нудат различни препораки, двајцата ја истакнуваат важноста на темелното отстранување на нечистотиите и остатоците од козметичките производи. Фристоун го претпочита миењето од главата кон стапалата, додека Рајпут смета дека косата треба да се остави за крај.
Се чини дека, сепак, не постои еден општоприфатен редослед за туширање. Поважно е телото темелно да се измие и добро да се исплакнат шампонот и регенераторот, за нивните остатоци да не останат на кожата и скалпот.