ЗДРАВЈЕ

20 минути музика дневно можат да ги ублажат хроничната болка и депресијата

Постојаните главоболки, болките во грбот и општата вкочанетост се дел од секојдневието на околу 10 милиони Британци.

Истражување на компанијата „Combogesic“ покажува дека дури 84 отсто од населението чувствува блага до умерена болка. Иако топлата бања може привремено да помогне, научните истражувања откриваат дека и само 20 минути слушање музика можат да имаат значително влијание, пишува „Express“.

Матичната лекарка д-р Џенин Дејвид ги објаснува резултатите од истражувањата.

„Метаанализата објавена во списанието ‘BMC Psychology’, во која биле сумирани резултатите од девет истражувања со вкупно 787 пациенти, покажала дека 20 минути музика можат да ја ублажат болката и симптомите на депресија поврзани со хроничната болка“, вели Дејвид.

Таа додава дека терапијата била најефикасна кога пациентите сами ја избирале музиката, користеле музички инструменти или слушалки и кога со нив работеле професионални музички терапевти.

Усогласување со природниот ритам на телото

Друго истражување покажало дека музикотерапијата може да биде уште поефикасна доколку нејзиното темпо се усогласи со природниот ритам на човекот.

Во тоа истражување, индивидуалниот ритам на учесниците бил утврден така што тие требало со прстите да ја удираат мелодијата на песната „Twinkle, Twinkle, Little Star“.

Познато е дека болката значително влијае врз секојдневниот живот, бидејќи ги нарушува расположението, општествените односи, мотивацијата и сонот.

Сепак, постојат и други методи што можат да им помогнат на луѓето со благи до умерени болки полесно да се справуваат со секојдневните обврски.

Четири научно потврдени методи за справување со болката

Еден од нив е редовната физичка активност. Иако многу луѓе поради болките избегнуваат движење, истражувањата покажуваат дека дури и еден тренинг може привремено да ја намали чувствителноста на болка кај здравите возрасни лица.

„Обидете се со пливање, бидејќи тоа минимално ги оптоварува зглобовите. Пешачењето исто така е одличен начин за движење, кој не создава голем притисок врз колената и колковите“, советува д-р Дејвид.

Важен е и правилниот избор на лекови против болки. Д-р Дејвид истакнува дека некои истражувања покажуваат оти комбинацијата од парацетамол и ибупрофен може да биде поефикасна отколку земањето на секој од овие лекови одделно.

На пример, истражување објавено во списанието „Journal of Pain Research“ покажало дека ваквата комбинација им овозможила на пациентите побрзо и поизразено олеснување на болката по стоматолошки интервенции. Сепак, комбинирањето лекови не е соодветно за секого, па пред нивното земање треба да се консултирате со лекар или фармацевт.

Помош може да понуди и масажата. Метаанализа на 67 истражувања покажала дека терапијата со масажа може умерено да ја ублажи болката. Покрај тоа, масажата го опушта телото и може да ја намали напнатоста, дури и кога одредени делови од телото се чувствителни на допир.

Не треба да се занемари ниту влијанието на стресот. Тој може да ја зголеми чувствителноста на болка, додека самата болка дополнително го засилува стресот, создавајќи маѓепсан круг.

Токму затоа е важно да се најде време за опуштање.

„Пронаоѓањето начин за релаксација, без разлика дали станува збор за слушање омилена музика или едноставно одвојување време за себе, може да ви помогне полесно да се справите со секојдневната болка“, заклучува д-р Дејвид.