Експерименталниот лек „daraksonrasib“, кој се зема еднаш дневно во комбинација со хемотерапија, покажа ветувачки резултати во третманот на напреднат рак на панкреас, бидејќи кај некои пациенти довел до намалување, па дури и исчезнување на туморите видливи на сликите, покажаа резултатите од раното клиничко испитување.
Во испитувањето учествувале 61 пациент со напреднат рак на панкреас кој се проширил на други органи, објави Би-Би-Си.
Кај околу 90 проценти од пациентите, туморите престанале да растат, додека кај малку повеќе од 60 проценти е забележано нивно намалување или исчезнување.
Кај приближно осум проценти од пациентите, или еден од 12, туморите повеќе не биле видливи на КТ скенирањата.
Истражувањето ги следело пациентите во просек една и пол година, а кај некои болеста не се вратила во тој период.
Сепак, лекарите предупредуваат дека резултатите не значат дека ракот е излечен, бидејќи се потребни подолги испитувања за да се утврди колку долго лекот може да ја држи болеста под контрола и дали може да доведе до трајна ремисија.
„Daraksonrasib“ делува така што блокира одредени мутации на протеинот KRAS, односно промени што го поттикнуваат растот на туморот и се присутни во повеќето случаи на рак на панкреас.
Истражувачите веруваат дека овој пристап би можел да биде корисен во третманот на други видови рак со слични мутации.
Cancer Research UK ги поздрави резултатите како најголем пробив во третманот на рак на панкреас во последните децении.
Истражувачите истакнуваат дека комбинацијата на новиот лек и хемотерапијата би можела да го продолжи периодот во кој болеста не напредува, а потенцијално и целокупното преживување на пациентите.
Ракот на панкреас е еден од најтешките за лекување, а повеќето пациенти со напредна болест преживуваат со месеци, а не со години.