На меѓународниот автосаем во Дубаи компанијата „Cadillac“ претстави целосно нов кросовер – „XT5“ кој го зазема местото на застарениот модел „SRX“ во спектарот на американскиот производител. Првите фотографии на моделот беа прикажани уште во септември, но дури сега стануваат јасни техничките детали.
Стилски „Cadillac XT5“ потсетува на неговиот постар брат „Escalade“. Меѓу карактеристиките на моделот се бандажите со големина од 18 до 20 инчи, „LED“ дневните светла, хаубата и спојлерот на задната врата.
Благодарение на новата платформа возилото е за 126 килограми полесен од „SRX“. Истата архитектура треба да се користи и за новиот теренец на „Chevrolet“ со седум седишта, кој допрва треба да биде прикажан до крајот на годината.
Внатрешноста на кросоверот е доста луксузна во однос на „SRX“, а и зголем е просторот за нозете на патниците кои се возат позади. Во опремата е вклучен нов инфо-забава систем „CUE“, кој може да се интегрира со паметни телефони, преку системите „Android Auto“ и „Apple CarPlay“.
Клиентите ќе можат да избираат меѓу 5 бои на кабината, а елементите внатре се од алуминиум, карбон или дрво. За безбедноста на возачот и патниците се грижат системите „Driver Awareness“ и „Driver Assist“, адаптивен круз-контрол, автоматски системи за паркирање и за следење на „слепите“ зони.
На пазарот во САД, „Cadillac XT5“ ќе се нуди со 3,6-литарски V6 мотор со систем за деактивација на цилиндрите кој развива 310 КС и 365 Нм. Верзијата за Кина е 2,0-литарски турбо мотор со 4 цилиндри. И двата агрегати работат со 8-степен автоматски менувач, а како опција е достапен и систем за погон на четири тркала.