Во Малешевијата над десет илјади тони квалитетен компир од годинашнава реколта останаа во визбите на производителите.
Земјоделците од општините Берово и Пехчево се сомневаат дека слабиот интерес за откуп на нивното производство е поради увоз на компир од странство.
„Годинава произведов околу 35 тони компир, немам каде да го пласирам, за цена и не прашувам, но откуп нема“, вели Кире Свињарски еден од најголемите производители на компир во село Владимирово.
Свињарски смета дека од целокупното производство на компир во Малешевијата од над десет илјади тони, досега на домашните пазари се продадени одвај 35 отсто.
Бранко Ужовски од откупниот центар „Макадам„ вели дека годинава немаат склучени договори за откуп на компирот од Малешевијата, не поради цената или квалитетот, туку поради слабата побарувачка на пазарот.