3 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовите пасоши ја уништија претсезоната – многу нашинци ќе ја видат Грција...

Новите пасоши ја уништија претсезоната – многу нашинци ќе ја видат Грција во септември наместо во мај

Граѓаните се откажуваат од евтините летувања на крајот на мај и на почетокот на јуни, особено за Грција, бидејќи немаат нови пасоши со новото уставно име на државата.

Оваа ситуација ги засегнува туристичките агенции и дестинациите во регионот. Додека сите земји, освен Грција, дозволуваат влез со лична карта, туристичките работници велат дека интересот за летување во Албанија или Црна Гора е помал.

На оваа тема разговаравме со вработен во туристичка агенција во Скопје кој потврдува дека претсезоната оваа година лошо поминала во споредба со минатите години.

„Причината за тоа е што многу луѓе не успеале навреме да извадат нов пасош. Пензионерите се особено засегнати, бидејќи ги користеа евтините аранжмани во овој период. Сега, на ‘слепо’ резервираат место за септември, бидејќи остварувањето на нивните планови зависи од добивањето на новите документи“, објаснува нашиот соговорник.

Разговаравме и со скопјанецот Коста Н. од Бутел, кој револтирано раскажува како го пропуштил закажаниот одмор во Грција поради тоа што не го добил пасошот навреме.

„Се фотографирав уште во март, а ми рекоа дека за околу 2 месеца ќе биде готов пасошот. Дојдов точно навреме, но тогаш ми рекоа дека пасошот е одбиен и дека не е воопшто влезен во процедура. А никој не ме информирал за тоа. Проблемот бил во онлајн уплатата, па ме натераа да одам во банка и да извадам извештај со кој ќе потврдам дека сум платил за пасошот. За една недела демек ќе се среди. И сами знаете, не може во шише од еден литар да се соберат два литри вода. Така го пропуштив терминот во мај. За среќа, вравотените во туристичката агенција имаа разбирање, па не дозволија да ми пропаднат парите, туку пролонгиравме за одмор во септември“, ни изјави Коста.

За да го спасат барем дел од туристичката претсезона, домашните агенции обезбедуваат евтини понуди во последен момент.

Но, интересот за Грција останува висок, бидејќи таа дестинација е блиску и нуди многу посредени услови за летување.

За туристички агенции во Скопје, оваа ситуација претставува предизвик. Иако околните земји како Албанија и Црна Гора дозволуваат влез со лична карта, интересот е помал.

Хрватска, пак, се профилира како скапа и луксузна дестинација, која не е за сечиј џеб.

Во секој случај, туристичките агенции се во постојана борба да ги задоволат потребите на клиентите и да го спасат дел од сезоната.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП