М-НАВ потпиша договор со производителот „Леонардо“ од Италија за набавка и инсталација на најсовремен систем за контрола на летање (Аir traffic management – ATM), вклучувајќи и за техничко-оперативна сала за истиот, соопштија од Македонска навигација.
„Процесот на набавка се одвиваше во согласност со политиките и процедурите за набавка на ЕБОР и истиот беше следен и одобрен од нивна страна. Со потпишувањето на договорот, овој долготраен и комплексен процес денес беше успешно реализиран“, велат од таму.
ATM-системот е примарен систем на контролата на летање, преку кој се остварува основната услуга на М-НАВ, т.е. давање услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор на Република Македонија. Новиот АТМ-систем овозможува одржување на безбедноста на највисоко ниво, усогласеност со најновите технолошки стандарди, придонесува за подигнување на капацитетите, зголемување на ефикасноста на целиот систем и воедно ќе овозможи способност за успешно справување со очекуваниот зголемен обем на сообраќај.