Повеќето училишта во Словенија ги затворија вратите, откако 38.000 наставници во земјата одлучија да излезат на еднодневен штрајк, барајќи повисоки плати, објави „Ројтерс“.
Повеќе од 15.000 наставници се очекува да се соберат во центарот на Љубљана за да и порачаат на Владата дека нивната работа не е соодветно наградена.
„Бараме просечната учителска плата да се зголеми за 10 проценти, бидејќи професорите добиваат значително пониски плати од луѓето со сличен степен на образование“, изјави портпаролот на учителскиот синдикат на Словенија.
Во моментов државните службеници низ целата држава протестираат поради незадоволство од износот на платите. Минатиот месец, речиси 30.000 државни службеници одржаа еднодневен штрајк, додека полициските службеници штрајкуваа во понеделникот. Вчера и медицинските сестри престанаа да работат два часа, барајќи повисоки плати.