Германското Министерство за финансии предлага субвенции во висина од 5.000 евра за купувачите на електрични автомобили и 3.000 евра за купувачите на хибридни возила, се вели во документот во кој имал увид Reuters.
Министерството ќе го претстави тој предлог во вторник на самитот во Берлин, на кој канцеларката Ангела Меркел и челниците на германската автомобилска индустрија ќе разговараат за мерките за зголемување на уделот на електричните автомобили на германските патишта.
Министерството сака таа шема да ја спроведува до јуни 2018 година, по што субвенциите би биле намалени на 3.000 евра за купување на електричен автомобил и 2.000 евра за хибридни возила. Субвенции не би се давале за луксузни автомобили што чинат повеќе од 60.000 евра, се наведува во документот.
Оваа програма за субвенционирање ќе чини околу 1,2 милијарди евра, а трошокот рамномерно ќе го делат владата и индустријата. Министерството за финансии сака програмата да ја спроведува според принципот„кој прв, нему девојката“, така што ќе трае додека не снема средства.
Министерството објави, а сојузната влада треба од 2017 година да обезбеди секое нејзино петто возило да биде електрично. Вкупниот трошок за сојузната влада би изнесувал околу милијарда евра.
Портпаролот на министерството за финансии одби да даде коментар.