29 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБи купиле стан од 40 квадрати за 100.000 евра во Скопје?

Би купиле стан од 40 квадрати за 100.000 евра во Скопје?

Цената на становите во Скопје достигна неверојатни висини. Продажбата на стан од 40 метри квадратни во Центар за над 100 илјади евра се смета за вистинска кражба.

Оваа цена нема никакво оправдување, според анализата на експертите.

Во последните години, пазарот на недвижности во Скопје се зголеми, а со него и цените на становите.

Неколку фактори придонесоа кон оваа ситуација, посочуваат економистите:

„Растечката потреба за живеалишта, како и инфлацијата, доведоа до зголемување на барањето на станови. Некои луѓе ги гледаат становите како инвестиција, што придонесува кон зголемувањето на цените. Нови градежни проекти во Центарот и околината придонесоа кон зголемувањето на цените“, коментираат познавачите.

Сепак, експертите сметаат дека овие цени се надвор од разумните рамки и дека нема оправдување за толку високи цени на становите во Скопје.

Владата и релевантните институции треба да разгледаат мерки за регулирање на пазарот на недвижности и за обезбедување на пристапни живеалишта за граѓаните.

Според најновите извештаи, граѓаните на Скопје имаат поделени мислења за растот на цените на становите.

Некои граѓани се чувствуваат фрустрирани и сметаат дека цените се нереални и претерани, особено во контекст на економската ситуација во земјата.

Има и такви кои се загрижени поради намалувањето на достапноста на станбен простор за просечниот граѓанин.

Експертите предвидуваат дека цените на становите може да продолжат да растат во текот на годината, со можност за стабилизација и благ пад во 2025 година.

Оваа прогноза се базира на завршувањето на неколку станбени комплекси кои би можеле да влијаат на пазарот.

Освен кај нас, и Европската Унија се соочува со драстичен раст на цените на становите и куќите кои во последните 13 години се зголемени за 46 отсто.

Според „Евростат“, во периодот од 2010 до вториот квартал од 2023 година цените на квадратен метар станбена површина се зголемија повеќе од двојно во Естонија и тоа за 211 отсто, во Унгарија за 180 проценти, во Литванија за 152, во Летонија за 144, во Чешка за 122, а во Луксембург и Австрија за по 120 отсто.

Намалувања на цените на домовите во посочениот период беа забележани само во Грција од 14 проценти, во Италија од осум и Кипар од три отсто.

Најголем годишен раст на цените за квадратен метар во второто тримесечје од годинава е регистриран во Хрватска од 13,7 отсто, во Бугарија од 10,7 и во Литванија 9,4 проценти. Од друга страна, најголемо намалување на цените на становите и куќите имало во Германија од 9,9 отсто, Данска  од 7,6 и Шведска од 6,8 проценти.

Во споредба со претходниот квартал, пак, цените на домовите најмногу пораснале во Летонија од 5,1 отсто, Бугарија од 4,3 и Естонија од 3,8 проценти. Најголем квартален пад на цените на станови и куќи имало во Словачка од 3,9 отсто, Луксембург од 2,7 и Унгарија од 1,7 проценти.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП