Договорот за донација од 740.000 евра за набавка на 25 теренски возила за потребите на македонската гранична полиција денеска потпишаа техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на Чешката Република Мирослав Рамеш.
„Би сакал да ја искористам оваа прилика уште еднаш да и се заблагодарам на Чешката Влада и Министерството за внатрешни работи на Чешката Република за несебичната поддршка која ни ја даваат во справувањето со мигрантската криза, знаејќи дека ова е трета донација од нивна страна која е директно наменета за полициските службеници“, истакна Спасовски.
Во првите две донации, кои беа во вредност од околу 125.000 евра, беа донирани 10 шатори и 10 греалки, 150 кревети, 500 вреќи за спиење, 10.000 ќебиња, 5000 мантили за дожд, 5000 изотермални фолии и 2 генератори за струја.
Покрај овие, најавена е и нова донација на опрема на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија од страна на Чешката Република, која заедно со останатите донации, вклучувајќи ја и денешнава, ќе надмине вредност од еден милион евра.
„Покрај со финансиски средства, Чешката Република ни помогна и со човечки ресурси, односно во два наврати беа испратени по 27 полициски службеници на македонско-грчката граница, кои рамо до рамо со македонските полициски службеници активно учествуваат во контрола и надзор на граничната линија, како и во процесот на регистрација на бегалците.“, посочи техничкиот министер Спасовски.