Едниот процент од најбогати жители на планетата поседуваат повеќе од останатите 99 проценти, објави британската невладина организација „Oxfam“ во пресрет на претстојниот Светски економски форум во Давос.
Јазот меѓу најбогатите и остатокот од населението на Земјата е зголемен драстично во текот на изминатите 12 месеци, забележува хуманитарната група во извештајот насловен „Една економија во служба на 1-тиот процент“.
Минатата година „Oxfam“ предвиде дека во оваа вредноста на имотот на едниот процент најбогати жители на планетата ќе ја надмине онаа на останатите 99 проценти. Оваа прогноза сепак се оствари уште минатата година, истакна невладината организација.
Како илустрација за колосалното зголемување на нееднаквоста во последниве години, „Oxfam“ наведува дека 62-та најбогати луѓе на Земјата поседуваат колку повеќето најсиромашна половина од човештвото. Пред пет години за оваа „рамнотежа“ биле потребни „цели“ 388 богаташи.
Според „Oxfam“ од почетокот на овој век најсиромашната половина од човештвото ужива од под 1 процент од зголемувањето на светското богатство. За сметка на тоа половина од тој пораст оди кај 1-тиот процент најбогати жители на планетата.
„Oxfam“ ги повика учесниците на Светскиот економски форум во Давос да дејствуваат.
„Не можеме да продолжиме да оставаме стотици милиони луѓе да страдаат од глад, кога ресурсите кои би можеле да им помогнат, се во рацете на неколку луѓе на високо ниво“, истакна организацијата во коминике.
Со цел неутрализирање на ова зголемување на нееднаквоста, „Oxfam“ повикува конкретно да биде ставен крај на ерата на даночните засолништа. Девет од 10 компании, стратешки партнери на Светскиот економски форум во Давос, се претставени во најмалку еден даночен рај.
Овој систем на даночно затајување не им дозволува на стотици милиони луѓе да излезат од сиромаштијата, нагласува „Oxfam“.