2 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВнимателно на светските берзи, инфлацијата и натаму е покачена

Внимателно на светските берзи, инфлацијата и натаму е покачена

На светските берзи се тргуваше претпазливо минатата недела бидејќи глобалната инфлација не се намалува толку брзо како што се надеваа инвеститорите, па каматните стапки на централниете банки би можеле да останат покачени подолг период од очекуваното.

На Wall Street минатата недела, Dow Jones загуби 0,1 отсто, на 39.118 поени, а S&P 500 се лизна за исто толку, на 5.460 поени. Индексот Nasdaq зајакна, пак, за 0,2 отсто, на 17.732 поени.

Берзите беа претпазливи бидејќи инвеститорите беа загрижени од зголемената инфлација во неколку земји, вклучувајќи ги Австралија и Канада.

Долго време на пазарите се сметаше дека циклусот на зголемување на каматните стапки во светот е завршен и дека следува олабавување на монетарната политика.

Сепак, растот на инфлацијата во Австралија и пораката од тамошната централна банка дека на последната седница се разговарало за зголемувањето на каматните стапки предизвика страв од дополнително заострување на монетарната политика.

Со нетрпение се чекаше извештајот за инфлацијата во САД. Податоците објавени во петокот покажуваат дека цените пораснале за 0,1 отсто на месечно ниво, а за 2,6 отсто на годишно ниво.

Ова е нешто пониска инфлација од еден месец претходно, но тоа не влијаеше значително на очекувањата за каматните стапки на американската централна банка.

Лидерите на ФЕД веќе подолго време велат дека инфлацијата се уште е значително над целното ниво од околу 2 отсто и проценуваат дека е можно едно намалување на каматните стапки до крајот на годината.

На пазарот се шпекулира дека ФЕД двапати ќе ги намали каматните стапки пред крајот на годината, почнувајќи од септември.

И покрај стагнацијата од последните недели, во првите шест месеци од оваа година индексот Nasdaq скокна за повеќе од 18 отсто, додека S&P 500 порасна за 14,5 отсто, а Dow Jones за 3,8 отсто.

Силниот раст на Nasdaq и S&P најмногу се должи на еуфоријата во однос на развојот на вештачката интелигенција, но на пазарот се повеќе се поставува прашањето дали е одржлив толку силен раст на цените на технолошките акции.

Минатата недела претпазливо се тргува и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,9 отсто, на 8.164 поени, а париски CAC за 1,9 отсто, на 7.479 поени. Франкфуртскиот DAX порасна, пак, за 0,4 отсто, на 18.235 поени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП