Сите 27 членови на Европската комисија се согласија, од наредниот месец, платата да им се намали за 25 проценти како гест на „солидарност за нашата ослабена економија“. Ова соопштение пристигна од портпаролот на претседателот на Комисијата Жозе Мануел Баросо.
Иницијативата е поттикната од претседателот на Европската комисија Баросо. Во неговото соопштение тој истакнува:
„Да бидеме искрени, солидарноста е една од нашите клучни вредности и таа е движечка сила на процесот за евро-интеграција. Солидарноста меѓу земјите членки, додека се бориме со заедничките проблеми во нашиот свет, солидарноста помеѓу богатите и сиромашните, додека се обидуваме да оствариме раст, нови работни места и да овозможиме просперитет на секој дел од нашиот континент“, се наведува во соопштението на Баросо.
За ваквиот предлог се говореше повеќе недели, но последните случувања во Кипар, го забрзаа темпото за донесување на ваквата одлука.