25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВино или виски – што и колку се пие во Македонија и...

Вино или виски – што и колку се пие во Македонија и во светот?

whiske

12.5 литри пиво, 1.8 литри вино и 0.65 литри жестоки пијалаци – ова е годишниот просек на консумација на алкохол на секој возрасен Македонец, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Од друга страна Институтот за вино од Калифорнија пресметал дека во земјава се пијат по 42 литри вино, а според годишните извештаи на пиварниците се трошат по околу 27 литри пиво.

Светската здравствена организација (СЗО), пак, ја рангира Македонија во групата на држави каде се пие умерено, по 5.7 литри годишно по глава на жител. Според СЗО пивото опфаќа речиси 50 % од вкупната потрошувачка на алкохол, виното 40%, додека жестоките пијалаци се застапени со 10%.

До точни и конечни бројки не може да се дојде – разликата во податоците се должи на разликата во методологиите, Државната статистика не ги зема предвид домашното вино и ракија, Институтот за вино и СЗО, пак, се повикуваат на анкети.

 

Македонија – голем производител, мал потрошувач

Во Македонија има 89 регистрирани винарии. Годишно произведуваат по околу 100 милиони литри вино и многу помалку ракија. И самите признаваат дека за нив поважни се странските од домашниот пазар кој е премногу мал и кој најмногу троши домашно, неиндустриско вино и ракија.

„Извозот е наш императив. Од година во година се зголемува бројот на земји во кои извезуваме… Квалитетот што традиционално го негуваме го обезбедивме и годинава. Тој ни е основа за прилично амбициозни планови за ширење на нашето присуство во различни земји. Прво се настапува со врвните вина, а потоа како се шири понудата, се шири и на другите слоеви на пазарот“ вели генералниот директор на Тиквеш, Игор Илиевски.

Во земјава пиво се произведува 91 година. Во 1924-та биле отворени и Скопската и Прилепската пиварница. Освен домашните брендови Скопско и Златен даб овде се прават и Амстел и Хајнекен. И двете фабрики постојано ја шират палетата на производи кои ги нудат.

Прилепска неодамна го промовираше Златен даб dark, своето темно пиво.

„Направивме врвен производ во кој се вградени соодветни изворни суровини и применета е посебна технологија за производство“ објаснува Панде Самарџиоска, заменик генерален директор на Прилепска пиварница.

Речиси истовремено Скопската пиварница го промовираше новото Скопско Цреша.

„Цреша е направено само од природни состојки, содржи арома и сок од цреша и 4% алкохол. Има уникатна производствена технологија во која аромата и сокот од цреша се додаваат во текот на производството на пивото”, вели Кирчо Стојанов, менаџер за оперативно производство на пиво во Пивара Скопје.

 

Освен ракијата, речиси 100% од жестоките пијалаци се од увоз

Македонија повеќе извезува отколку што увезува алкохол, но тоа пред се се должи на виното. Од друга страна речиси 100% од жестоките пијалаци доаѓаат од увоз. Дистрибутерите се задоволни од потрошувачката.

„Македонците имаат уникатен вкус и специфични барања. Обоените пијалаци како коњак, вињак, бренди, виски се побарани од белите жестоки пијалаци како вотка, џин, текила. Во главно ги следиме светските трендови, коктелите кои се микс на повеќе пијалаци се се попопуларни… Во поглед на ценовната сегментација, најзастапени се производите со најниски цени. Консумацијата е најголема во дискотеките и во ноќните клубови, а помалку во кафулињата. Дистрибуцијата се одвива преку локални дилери “ велат во еден од водечките увозници на алкохол во земјава.

 

Кои земји се најголеми потрошувачи на алкохол?

Според Светската здравствена организација топ 10 земји според потрошувачката на алкохол по глава на жител се:

  • Молдавија со 17.4 литри,
  • Белорусија со 17.1,
  • Литванија со 16.2,
  • Русија со 14.5,
  • Чешка со 14.1,
  • Црна Гора со 13.3,
  • Романија со 12.9,
  • Србија со 12.9,
  • Австралија со 12.6,
  • Словачка со 12.5 литри.

Во истиот извештај Македонија е на 99 место со проекција за годишна потрошувачка од 5.7 литри во 2015-та.

Од друга страна најмалку алкохол се пие во Пакистан, Либија, Бангладеш, Сомалија и Авганистан, по помалку од 0.1 литар по жител.

 

Кои се најпопуларните алкохолни пијалаци во светот?

Според податоците на IWSR, фирма за истражување на пазарот, најпопуларен жесток алкохолен пијалак во светот е вотката чија потрошувачка изнесува 4,44 милијарди литри годишно, од кои, речиси 2 милијарди отпаѓаат на рускиот пазар. На второто место е румот со вкупна потрошувачка од 1,47 милијарди литри. На третото е вискито со 0,86 милијарди литри. По вискито, следува џинот со 0,44 милијарди литри, а на петтото место е текилата со 0,23 милијарди литри глобална годишна потрошувачка.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП