14 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАХотели во Македонија: голема понуда, мали објекти – недостигаат меѓународни брендови

Хотели во Македонија: голема понуда, мали објекти – недостигаат меѓународни брендови

mert

Станови и соби, мали хотели и пансиони со понуди за глобалниот пазар. Македонските туристички работници се повеќе ги користат можностите што ги нуди интернетот.

Дури 722 капацитети се претставени на booking.com, најобемната интернет база за резервации. На сајтот има 321 објект во Охрид, 201 во Скопје, 31 во Битола. Може да се најде сместување или храна и во Берово, Кратово, па и во Радовиш.

„На располагање туристички водич до сите околни знаменитости… Бесплатно перење и пеглање на алишта“ – ова се дел од бонусите што ги даваат сопствениците во обид да привлечат гостин повеќе.

„Туристичките објекти многу ги користат услугите од tripadvisor и booking.com, на дел од категоризираните објекти веќе има и лепенки кои покажуваат дека се препорачани од tripadvisor. Овој начин е се поискористен, нашите хотели се добро вмрежени, особено градските хотели. Оттука имаме зголемен обем на отворање на хотели од мал обем кои работат многу успешно со tripadvisor“ вели неодамна назначената директорка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Лејла Крстевска.

Ваквите самостојни иницијативи даваат резултати, но за вистинско раздвижување на секторот во него мора да влезат големи играчи кои би биле дел од меѓународните синџири, велат во Хотелската Асоцијација на Македонија (ХОТАМ).

„Повеќе пати сме посочиле дека треба да се свестиме и треба да направиме се што е потребно за градење на нови капацитети и зголемување на капацитетите општо во Македонија. Јас мислам дека на среден рок треба најмалку да се дуплираат модерните хотели, но да не бидат хотели од типот на одморалишта претворени во хотели“ вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

И надлежните признаваат дека на Македонија и недостигаат големи капацитети кои би ги исполниле стандардите на меѓународните туроператори.

„Она што апелираме до приватниот сектор, до рестораните и особено до хотелите, е да поработат на своите безбедносни стандарди зашто странските оператори се повеќе внимаваат на тоа, како противпожарна заштита и други параметри“ објаснува Лејла Крстевска.

Засега во земјава нема ниту еден хотел под меѓународен бренд. Ова наскоро ќе се промени, но само во Скопје. Marriot што ќе се наоѓа на централниот плоштад е речиси готов, а се гради и Double Tree Hilton во Општина Аеродром. Неодамна беше најавено и дека Radisson Blu најверојатно ќе влезе во метрополата. Групацијата веќе е во преговори со потенцијални партнери за ширење на бизнисот во земјава, изјави нејзиниот потпретседател Роман Аврил во интервју за балканската агенција SeeNews.

me

„Откако до крајот на годинава ќе го отвориме хотелот во Љубљана, најверојатна следна дестинација ќе биде Скопје“ рекол Аврил.

Најновите податоци за бројот на хотели, соби и легла на Заводот за статистика се од 31 август 2010-та година според кои во Македонија има 383 сместувачки капацитети, од нив 147 се хотели (9 со пет ѕвездички, 22 со четири, 32 со три, 52 со две и 32 со една ѕвездичка). Во истиот извештај стои дека во земјава има само 5.093 хотелски соби.

Објектите кои се градат, а и оние кои се најавени би требало да го поттикнат секторот кој и сега остварува солидни стапки на раст. Според официјалните податоци на државната статистика, заклучно со септември, во Македонија имало 672.000 туристи или 11.2% повеќе од истиот период лани. Бројот на домашните се зголемил за 6.6% и достигнал 276.000, а бројот на странските за 15.4% и достигнал 396.000.

Сепак, туризмот засега учествува со само нешто над 2% од Бруто домашниот производ на Македонија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП