18 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАТаксират ги пречекува шведските хеви-метал херои Сабатон

Таксират ги пречекува шведските хеви-метал херои Сабатон

taksirat e00e

Таксират, во рамки на главната фестивалска вечер, на 7-ми декември во Метрополис Арена ќе го пречака и еден од денес најатрактивните светски метал бендови Сабатон.

Шведската power/heavy метал атракција доаѓа на Таксират да го претстави актуелниот албум „Heroes“, кој Сабатон го промовира со големата европска турнеја „Heroes On Tour Europe 2015“. Ова ќе биде прва средба на „Сабатон“ со македонската публика, а токму поради овој факт групата го изрази своето огромно задоволство и настапот на „Таксират“ го вклучи како специјален концерт надвор од рутата на турнејата.

„По 150 концерти годинава, решивме да паузираме и да се посветиме на нови песни! Но, знаете дека сме бенд кој најмногу ги сака настапите во живо и едвај чекаме ‘Сабатон’ да закрстари и да одржи уште едно шоу. Кога ја добивме поканата од Македонија, земја во која никогаш досега не сме настапувале веднаш потврдивме дека мора да го направиме ова! Македонија, доаѓаме!“ – велат „Сабатон“ во најавата за концертот на нивната официјална „фан“ страница.

Развивајќи се постојано во својата кариера, „Сабатон“ денес е еден од најголемите метал бендови на денешницата, кои редовно настапува како хедлајнер на светските метал фестивали. Од нивните настапи, секако ќе останат запаметени бројните стадионски концерти кои „Сабатон“ ги одржа со легендарните „Ајрон Мејдн“ (Iron Maiden), а како најголем концерт со сигурност е оној на полскиот фестивал „Вудсток“ (Przystanek Woodstock Festival), каде настапија пред половина милион луѓе. Тој концерт беше снимен и објавен на ДВД изданието „Swedish Empire Live“. Добитници се на многу музички награди вклучувајќи ги и престижните „Метал Хамер“ награди (Metal Hammer UK’s Golden Gods Award for Best Breakthrough Artist), а претпоследниот албум „Carolus Rex“ (2012) достигна платинест тираж.

Предводени од моќниот баритон на Јоаким Броден, „Сабатон“ од 1999-та година до денес се искачија на високите позиции на метал музиката и стекнаа огромна фан база во светот, а пред сѐ благодарение на феноменалните концерти со кои постојано ја воодушевуваат публиката. Првиот албум во форма на компилација, „Fist For Fight“ го објавија во 2000-та година, а вистинските поголеми успеси почнаа да ги нижат со „Primo Victoria“ (2005-та). Глобалната „Сабатон епидемија“ продолжи да се шири и со албумите „Attero Dominatus“ (2006-та), „The Art Of War“ (2008-та) и „Coat Of Arms“ (2010-та).

Минатата година го објавија својот нов, седми студиски албум „Heroes“, кој повторно има единствен концепт, секоја песна да раскажува посебна сторија за ветераните од Втората светска војна, и на кој „Сабатон“ ги задржа својот звук и борбеност. Групата овој албум го претстави на турнејата во чии рамки досега се одржаа 150 концерти ширум светот, а конечно за прв пат „Сабатон“ ќе настапат и пред македонската публика, на главната вечер на Таксират Фестивал.

Покрај „Сабатон“, на Таксират, на 7-ми декември во Метрополис Арена, потврдени се и настапите на великаните на авангардата „Лајбах“ (Laibach), диџеј составот на извонредната лондонска дабстеп група „Моудстеп“ (Modestep), жестоките каталонци „Ла Пегатина“ (La Pegatina), култниот хип хоп состав „САФ“ и Тони Китановски Little Big Band! Наскоро очекувајте и нови изведувачи кои ќе се приклучат во програмата за главната вечер на Таксират со која фестивалот ќе го прослави своето 17-то издание.

Во понеделник, 9-ми ноември почнува продажбата на првите, промотивни влезници за главната вечер на Таксират! Во рамки на овој дел од продажбата билетите ќе бидат достапни со промотивна цена 499 денари и во строго ограничен број! Овие влезници наменети за најверните и најбрзите „таксиратлии“ ќе се продаваат преку продажната мрежа на МКтикетс, како и онлајн.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП